Се движам низ маало. Чекор по чекор. Од дома кон Драмскиот театар. Триста метри пат. Ќе стигнам за половина час. Значи релативно брзо. Затоа што имам мачета во раката. Голема, остра, со еден замав сечам гранки дебели како мене. Ама јас сум вешт мачетар. Со искуство од минати времиња кога со Индијана Џонс акавме низ јужноамериканските џунгли во потрага по Елдорадо. Тој ми ја подари мачетата. И сега со неа си го пробивам патот до саканата цел.
Попат среќавам познати фаци. Марти Мистерија повторно ја бара Атлантида на погрешно место. Не верувам дека таа се крие тука, низ прашумите на Карпош. Оди во Бугарија, му велам, тие скоро открија дека трозабецот на Посејдон, богот на Атлантида, всушност бил прабугарски симбол, кој им го украл ѓаволот што дреме на амблемот на Манчестер јунајтед. Две срушени дрва подолу, ете го и Тарзан. Што, по ѓаволите, бараш тука, го прашувам. Ја чекам Џејн, ми одговара, слушна дека низ џунглите на Карпош има бутици каде што се продаваат секси ф’станчиња. Ах, таа Џејн! Во детството бев смртно затрескан во неа. Потоа ја запознав Емануела, па ѝ раскинав.
Продолжувам накај Драмски. Ете го и Леонардо Ди Каприо со неговата банда дрвосечачи. Ја пее „Черешна се од корен корнеше“ и мава со секирата по огромното дрво струполено среде густата џунгла. Запира со песната, ти го расчистуваме патот накај театарот, ми довикнува. Благодарам, враќам, ама ти пази се од мечката. Каква мечка, збунето прашува. Руска мечка, објаснувам, многу опасна, башка инфлуенсерка, шири влијанија, никој не ја гледа, ама се појавува кај што не ја очекуваш, доволно е само за миг да почнеш да размислуваш надвор од западната догма и ете ја, веднаш ти велат дека си потпаднал под нејзино влијание.
Од каде сега руска мечка – инфлуенсерка, кога ова е Индија?
Гласот доаѓа од густо вмрежените гранки на неколку огромни дрва од корен откорнати. Мавам со мачетата и ете ги пред мене, истопорени на трупец – Могли, Балу и Багира. Што па вие, барате тука? Дојдовме со индиската претседателка, ми се смешка Могли, па видовме дека тука, среде Скопје, се наоѓаат прашумите на Карпош и сега се чувствуваме како дома. А кога сме веќе тука, се вмешува и црниот пантер, чувме дека си писател, па ако сакаш да напишеш продолжение на „Книга за џунглата – од Индија до Карпош, светот е прашума“, може да ти помогнеме. Благодарам, ама не, одговарам, поздравете ја вашата претседателка и кажете ѝ, еден ден, Индија и Македонија повторно територијално ќе се соединат, а што се однесува до книга, имам инспирација, оти во срцево носам пустина, а околу мене прашума, па низ пустината и прашумата…
Не е убаво да крадеш туѓа приказна!
Тоа се зборовите на господинот Хенрик Сјенкевич со кој заедно купуваме цигари, откако успеав со мачетата да се пробијам до трафиката. Не бери гајле, стари, му враќам со насмевка, „Низ пустината и прашумата“ ми требаше само за да се пувам низ колумнава колку сум начитан, патем, не сум јас Грција и Бугарија, па да крадам туѓа интелектуална, историска, културна и цивилизациска сопственост. Башка, следната книга сакам да биде средновековна дистопија. Затоа имам закажано „дејт“ со Ерин Брокович во Гостивар. Таму, на фестивалот „Апокалипса сега“, градските власти ја пеат „Shit in the water“, кавер на „Дип парпл“.
Ја закачувам мачетата за појас, оти веќе не ми е потребна. Изгледа Тарзан закачил лијани низ џунглава за Џејн полесно да стигне до бутиците со секси ф’станчиња. Се фаќам за лијанот и ете ме пред прекрасната бавча на Драмскиот театар. А тука, веднаш го препознавам, стои доктор Дулитл – Еди Марфи, верзија. Сфаќам дека ги собрал маалските мачки околу себе, кои среде џунглата на Карпош, конечно почнаа да се чувствуваат како тигри и лавови. Доктор Дулитл ги смирува, затоа што очигледно трансмачкиве ги фатило некаква паника. Што им е, прашувам, а докторот што зборува со животни ми покажува кон платото на театарот.
О, Боже! Дали се тоа оние хистерични паркобрани низ чија крв тече шарената револуција? Тие се. Дошле да протестираат. Нивната хистерија сега е насочена против фашистичката власт на климата, режимот на времето и диктатурата на ветерот. Врескаат дека оваа оска на злото намерно ги срушила дрвата за нивните бели дробови да страдаат. Па дишете тогаш грантови, цинично им дофрлам, оти сите овие дрва со поминат рок, на време да беа исечени, сега ќе немавме прашума среде населба, туку млади дрва свежо посадени на местото на овие што сега испопаѓаа. Се разбира дека рипнаа мене да ме напаѓаат. Ќе те тужиме кај амбасадорите, се дерат, во ЕУ ќе се жалиме, бидејќи заради таквите како тебе, небањати вмроони, уште не сме членка на Европската Унија. Па никој не ви брани, по дома да се чувствувате дека сте дел од Унијата, им цитирам, за мене, непознат мудрец од социјалните мрежи и влегувам во најубавата градска бавча среде театарот.
А тука, на различни маси, се распоредила интересна популација. Лево од мене седи Тенеси Вилијамс и пишува нова драма за репертоарот на театарот. Насловот е, ми објаснува, „Мачка на паднатиот лимен покрив“. На две маси од неговата се бапнале членови на синдикатот на урбаната мафија, смислуваат заговор како да му ја забранат новата драмата, затоа што во неа, Тенеси Вилијамс инсинуирал дека од небо врнеле покриви заради нивниот мафијашки фушерај. А и публиката нема да ја сака. Гледачите ќе се почувствуваат крајно глупи сфаќајќи дека фрлиле по 3.000 евра за квадрат, за да го купат истиот тој фушерај.
Добро бе, Русјаков, се изнапиша глупости, а ваму Али Ахмети извади македонско знаме. Нели е тоа доволно за длабока анализа?
Јас сакам да шлапкам во плиткото. Оти тука, во тињата, сами се доведовме. Патем, може човекот сега дознал во кој протекторат живее. Едноставно – глобалната, западна, урбана мафија, која ни го вгради како нивна марионета (од 2001, преку тиранска платформа, до Преспански договор), во нашиот фушерај што од Македонија направи Нордистан, не му кажала каде се наоѓа. Затоа, фушерајот Нордистан што ние, безумни, го подигнавме во тињата на нашиот себичен, комформистички комодитет, рушејќи ги темелите од жртви, крв и идеали на вековна Македонија, ќе ни се сруши врз главите како фушерски направен покрив од страна на урбаната мафија. Веќе ни се руши. Ама заслужуваме.
Александар Русјаков
































