Фото: „Нова Македонија“

„Нова Македонија“ во посета на фабриката на „Шаоми“ во Пекинг

  • Посетата на фабриката на „Шаоми“ во Пекинг открива како визијата на основачот Леј Џун, автоматизацијата и континуираната посветеност на иновации ја претворија кинеската технолошка компанија во еден од најамбициозните светски производители на електрични возила

На ланското издание на најзначајниот годишен политички собир во Кина, „Две сесии“, во одреден момент голем број новинари поитаа за да се соберат околу една личност во лобито на Големата сала на народот во Пекинг, внимателно очекувајќи што ќе каже Леј Џун, основачот на кинескиот технолошки гигант „Шаоми“. Ваквата впечатлива ситуација на која присуствував лично, најдобро говори за почитта што ја ужива претприемачот милијардер откако успеа да создаде една од најголемите технолошки компании на светот за 16 години од нејзиното основање. За бизнис-потфатите и општо прифатената мудрост на Леј Џун можат да се слушнат речиси митски приказни од медиумите, туристичките водичи, односно практично од секој што го спомнува неговото име во една од најмногубројните светски земји. А брзиот подем на претприемачот од почетоците кога вршеше улична промоција на првичните производи на „Шаоми“ до статусот на суперѕвезда во технолошкиот свет, со богатство проценето на речиси 24 милијарди долари, претставува впечатлив пример за успех овозможен од јасна визија, напорна работа, амбиција и иновација.
Особено е импресивен влезот на „Шаоми“ во автомобилската индустрија во 2021 година, како тогашен производител на паметни уреди, бидејќи веќе во 2024 година успеа да го лансира првиот модел на автомобил. Компанијата сега цели да се пробие на европскиот автомобилски пазар од наредната година, а тоа ни го потврдија оттаму при неодамнешна посета на група новинари од Македонија на фабриката на „Шаоми“ во Пекинг, организирана од Амбасадата на Народна Република Кина во земјава. А самиот Леј Џун не ја крие амбицијата за надминување на американскиот производител на автомобили „Тесла“ од страна на „Шаоми“.
Поткрепа за остварување на големите цели на кинеската компанија дава токму нејзината современа фабрика за автомобили во Пекиншката економско-технолошка развојна зона. Таму можевме да забележиме како стотици роботи со голема брзина и прецизност изведуваат сложени операции за да ги состават електричните автомобили во современ производствен погон што е 99 отсто автоматизиран. Фабриката во Пекинг тврди дека може да произведе автомобил на секои 76 секунди, со што производствениот капацитет е поставен за да достигне 300 илјади возила годишно во две фази (првата фаза веќе произведува 150 илјади возила).

Вратите на возилата, на пример, беа монтирани од роботи за дваесетина секунди, според презентацијата на компанијата. Истовремено, автономни мобилни роботи се движат ефикасно транспортирајќи материјали до нивните назначени станици, а целиот производствен процес се одвива под надзор помогнат од вештачка интелигенција.
Првиот електричен автомобил на „Шаоми“, „СУ7“, беше лансиран на 28 март 2024 година и веќе стекна значителна популарност, а теренецот „ЈУ7“ во јуни 2025 година, обезбедувајќи 200 илјади нарачки за само три минути. Токму моделите „СУ7“ и „ЈУ7“ беа претставени во изложбениот простор на компанијата, како и разни автомобилски делови, производи и софтвер што ги развива „Шаоми“, која вложува и во вештачката интелигенција.
Притоа беше прикажан и современ концепт во рамките на кој паметниот телефон, домот и автомобилот се поврзани во целина преку модерна технологија за да овозможат достапност и удобност. Исто така добивме можност да се запознаеме и со перформансите на автомобилите на „Шаоми“ во пробно возење по тест-патека во фабричкиот комплекс.
Посветеноста на компанијата кон иновациите и паметното производство е јасно изразена во нејзините производствени планови за годинава, кои вклучуваат воведување нови модели и проширување на производствениот капацитет. Стратегијата на „Шаоми“ се заснова на користење на сопствените силни страни во производството на електроника за да ги помести границите на паметното производство во автомобилскиот сектор.

Проширувањето во производството на електрични возила со продолжен опсег (ЕРЕВ) е стратешки пресврт што има цел да одговори на барањата на потрошувачите на пазарот на семејно ориентирани СУВ-возила. А новиот производствен погон на компанијата во Пекинг е клучен дел од оваа експанзија.
– „Шаоми“ ги должи својот раст и успех на плодната почва за иновации што ја обезбедува Пекинг – рече своевремено Леј Џун во изјава за кинеските медиуми, додавајќи дека компанијата останува посветена на долгорочно размислување – зајакнување на својата основна конкурентност, задоволување на разновидните барања на потрошувачите и напредување во вредносниот синџир во тесна соработка со индустриските партнери на експанзивниот брзо развивачки пазар.
„Шаоми“ ги разгледува и можностите за понатамошен раст во странство. Минатата година, компанијата објави дека отвора центар за истражување и развој во Минхен, Германија. А на саемот за автомобили во Пекинг, во април, беа посочени новоангажирани клучни кадри со богато искуство од автомобилската индустрија.
Приказната за „Шаоми“ и нејзиниот основач Леј Џун покажува како визијата, иновациите и континуираното вложување во технологијата можат за релативно краток период да создадат глобално успешна компанија. Со брзиот развој во секторот на електричните возила, високоавтоматизираното производство и амбициите за проширување на европскиот пазар, „Шаоми“ јасно демонстрира дека е подготвен да им биде сериозен конкурент на водечките светски производители. Неговиот пример претставува доказ за динамичниот развој на кинеската индустрија и за сè поголемото влијание што го има Кина во глобалната автомобилска и технолошка сфера.