Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бугарија во очите на соседите: Зошто Софија не може да биде лидер на преродба и просперитет на регионот?

  • Со политика на уцени кон соседите, Бугарија наместо светилник на
    европските процеси, стана симбол за непринципиелен партнер
    во очите на регионот

Вистинската дипломатија на една држава не се мери според декларативните амбиции, туку според способноста да наметне водечка улога во клучните геополитички процеси преку сопствен пример. Со други зборови, вистинското лидерство во меѓународната политика се гради со конструктивност, поддршка за соседите и промовирање на заемните вредности. Кога една земја членка на Европската Унија успева да ги мотивира другите од регионот да го следат нејзиниот пат, таа природно се издигнува во регионален лидер, чиј збор се почитува и чија визија се следи.
Официјална Софија изминатите години ја пропушти токму оваа историска шанса да се наметне како конструктивен предводник на евроинтеграциите на Западен Балкан. Наместо да биде мост и поддржувач, Бугарија со сопствениот однос покажа како не треба да се однесува една земја членка на Унијата, претворајќи се во пример за непринципиелен партнер што ја злоупотребува својата позиција во ЕУ. Со тоа, наместо респектиран регионален играч, Софија во очите на соседите стана препознатлива исклучиво како опструктор на европските процеси, губејќи го во целост кредибилитетот на кој сега се повикува.

Јотова повика на проактивност, но заглави во истите историски матрици

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова неодамна им се обрати на учесниците на годишната конференција на вонредните и полномошни амбасадори и постојаните претставници на Република Бугарија, при што стави акцент на потребата Бугарија да биде поактивна во политиката кон Западен Балкан, доследно да ги штити своите национални интереси и да инвестира повеќе ресурси и енергија во дипломатијата.
– Нашето отстапување од влијанието на Балканот не е правилна одлука. И сè уште не е доцна – порача Јотова.
Таа потенцираше дека дипломатите денес работат во услови на брзо менлив меѓународен поредок, каде што старите правила сè потешко функционираат, а тие се токму првите што ги чувствуваат овие промени. Според неа, Бугарија има цврста основа да води самостојна надворешна политика базирана на Уставот и на своите национални интереси.
Централно место во говорот зазеде улогата на Бугарија на Балканот. Јотова потсети на претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, нагласувајќи дека државата не ги искористила во доволна мера можностите што произлегуваат од овој формат.
Таа високо ја оцени работата на дипломатските мисии со бугарските заедници во странство, истакнувајќи го неодамнешниот попис на бугарската заедница во Албанија како еклатантен пример за тоа што може да се постигне кога постои заедничко дејствување на државните институции и консензус во земјата.
Јотова детално се осврна и на односите со земјава, притоа потенцирајќи дека бугарската политика докажала оти може да постигне големи резултати кога институциите, дипломатите и општеството дејствуваат единствено. Сепак, подвлече дека сè уште остануваат отворени и нерешени прашања.
Меѓу нив ја наведе потребата сите европски партнери да бидат дополнително убедени во бугарската позиција, која, според нејзините зборови, веќе еволуирала во европска позиција. Исто така ги спомена и случаите со ОМО „Илинден“ пред Советот на Европа.
– Бугарија нема потреба да избира помеѓу својата национална идентитетска припадност и европската припадност. Но мора да бидеме држава што нуди решенија, а не само да ги поддржува веќе донесените одлуки – нагласи Јотова.
На крајот, таа апелираше дека Бугарија треба да биде проактивен играч што самостојно ги формулира и активно ги штити своите позиции во меѓународните односи.

Лидерството бара дела, а не уцени: Каде Софија трајно ја промашува поентата

Длабинската анализа на настапот на Јотова ги открива токму истите системски грешки поради кои никој во регионот не ја доживува Бугарија како искрен геополитички фактор, а уште помалку како некаков потенцијален лидер во иднина.
– Со дипломатија заснована на уцени, притисоци и вета не се гради лидерство, туку се создава слика за омразен партнер што гледа исклучиво да ги задоволи сопствените интереси. За Софија, добрососедството очигледно е само еднонасочна улица во која другите мора безусловно да свират по нејзините ноти. Ние најдобро чувствуваме што значи тоа. Директното негирање на еден цел народ, неговиот јазик, историја и култура е во целосна спротивност со темелните европски вредности, кои Бугарија како членка на ЕУ би требало да ги промовира. Притисоците за промена на македонскиот устав се само продолжение на процесот на асимилација што Софија веќе активно го спроведува меѓу македонското малцинство во Албанија и во Косово, а слично нешто планира и во Србија. Како воопшто Софија очекува некој во регионот да ѝ поверува во искрените намери, кога сопствените фрустрации ги преточува во уцена кон соседите – коментираат дел од аналитичарите.
Според нив, никаква прекумерна дипломатска активност ниту вложувања во културни институти нема да ѝ помогнат на Бугарија додека од корен не го смени сопствениот однос.
– Доколку искрено сака да се издигне во лидер, Софија мора прво да ги одблокира македонските евроинтеграции и наместо да става кочници, активно да помогне во побрзото интегрирање на земјава во Европската Унија. Потоа, да ги спроведе сите пресуди од Судот за човекови права во Стразбур и да отвори процес за реализирање на малцинските права на Македонците во Бугарија. Следно, да работи на вистинска инфраструктурна поврзаност и градење посилни културни врски преку уважување на сечиј идентитет и право за креирање сопствена историска вистина – истакнуваат соговорниците.
Уште додаваат дека вистинското приближување се постигнува без притисок, преку рамноправен разговор и наоѓање модалитети што ќе ги зајакнат врските меѓу двете општества.
– Сè додека тоа не се случи, годишната конференција на амбасадорите и сите други иницијативи на Јотова ќе останат само обичен протоколарен настан без содржина, а Бугарија ќе продолжи да биде главен кочничар наместо посакуван лидер на Балканот – констатираат аналитичарите.