- Годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес нѐ потсетува на историскиот подвиг на меѓународната солидарност, но и на сегашната обврска да изградиме култура на одговорност, единство и национално заедништво
Одбележувањето на годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година секогаш претставува повеќе од историско сеќавање. Тоа е можност повторно да се потсетиме на една од најсилните лекции што ги остави оваа трагедија – дека во најтешките мигови човечката солидарност може да ги надмине политичките, идеолошките и географските граници.
Сликите од урнатото Скопје тогаш ја обиколија планетата. За кусо време, 78 држави испратија спасувачки екипи, лекари, инженери, градежен материјал, финансиска и техничка помош. Благодарение на таа дотогаш невидена меѓународна поддршка, Скопје го доби епитетот „град на меѓународната солидарност“, што претставува трајно сведоштво дека човештвото може да се обедини кога е најпотребно. И денес голем број улици, населби и јавни објекти низ главниот град сведочат за тој период, носејќи ги имињата на државите, градовите и личностите што учествуваа во обновата.
Но ако солидарноста ја сведеме само на носталгичен спомен од минатото, тогаш ризикуваме да ја изгубиме нејзината вистинска смисла. Затоа и во овој број на весникот, индивидуалната и заедничката (национална) одговорност ја истакнуваме како вредност што мора постојано да се негува и обновува.
Тоа особено се потврди и по неодамнешното невреме со силен ветер што предизвика значителни материјални штети во повеќе делови од државата. Во вакви околности помошта се препознава и во подадената рака, во подготвеноста да му се помогне на соседот, во чувството дека никој не е оставен сам пред последиците од природната непогода. Токму тогаш солидарноста престанува да биде апстрактен поим и станува секојдневна практика.
Пред повеќе од шест децении, човечноста успеа да ја стави политиката во втор план. Денес, меѓутоа, светот функционира во сосема поинакви политички околности. Помошта од страна сè почесто се испреплетува со стратешки и политички интереси. Затоа секоја голема меѓународна интервенција, колку и да е неопходна, неизбежно отвора прашања и за поширокиот политички контекст во кој се реализира.
Токму затоа вреди да се потсетиме дека вистинската солидарност ја задржува својата морална тежина само тогаш кога не е условена од политички или други интереси. За Македонија, пораката е уште поактуелна.
Солидарноста не треба да се активира само кога ќе се случи природна катастрофа, туку треба да стане начин на размислување и принцип според кој ќе се соочуваме и со другите предизвици – економските неизвесности, демографските проблеми, инфраструктурните потреби, реформите во образованието и здравството, како и со сложените надворешнополитички процеси што влијаат врз државата.
Во тој контекст неизбежно се наметнува и прашањето за одговорноста. Тоа е збор што често се употребува во јавниот простор, најчесто кога се бара виновник или кога се упатуваат политички обвинувања. Многу поретко, пак, одговорноста се препознава како лична и институционална обврска што треба да се преземе, а не само да се бара од другите. Без таков пристап, ниту една солидарност не може да биде целосна, бидејќи секоја заедница се гради врз рамнотежа меѓу правата и обврските.
Денес, кога се навраќаме на трагедијата од 1963 година, треба да се запрашаме што сме научиле од неа и тие лекции да ни послужат за да изградиме поцврсто општество. Како што сме обединети кога се справуваме со природните катастрофи, така треба да бидеме обединети и кога ги решаваме најважните државни прашања. Потребен е национален консензус за развојните приоритети – евроинтеграциите, односите со соседите, економскиот раст, модернизацијата на инфраструктурата, унапредувањето на здравството, образованието и владеењето на правото.
Најголемата почит кон жртвите од скопскиот земјотрес ќе биде покажана преку способноста тогашните лекции за солидарност да ги претвориме во трајна општествена вредност. Бидејќи солидарноста не е далечен спомен, таа е предуслов за стабилна држава, одговорно општество и заедничка просперитетна иднина.
































