Режисерот Кристофер Нолан (десно) дели автограми на премиера на „Одисеја“

Новиот филмски хит во режија на Кристофер Нолан што веќе се прикажува во киносалите низ светот предизвика контроверзии во Грција

Од античко до модерно време, Грците беа подготвени да се борат за Елена Тројанска, прославена како најубавата жена во светот. Новиот филм „Одисеја“ во режија на Кристофер Нолан веќе се прикажува во кината низ целиот свет, но исто така предизвика контроверзии во земјата на Хомер.
Во земја каде што децата се среќаваат со Хомеровиот еп од седмо одделение во училиште, дискусиите за неговата адаптација се чести. Колку блиску Нолан ја следи приказната на Хомер? Зошто нема грчки актери вклучени во глумечката екипа? И зошто Елена Тројанска ја игра црна актерка?
Холивудската сензација во која Мет Дејмон го толкува кралот Одисеј верно ги следи контурите на познатиот еп. Филмот го прикажува неговото опасно десетгодишно патување кон дома по завршувањето на Тројанската војна, исполнето со борби против сурови богови и чудовишта. Одисеј очајнички се обидува да се соедини со својата сопруга Пенелопа, за на крајот да открие дека неговиот дворец е преплавен од сурови соперници.
Филмот е делумно снимен во Грција, прикажувајќи некои од најзначајните места во земјата: Палатата на Нестор во Пилос, плажата Војдокилија, замокот Метони и Акрокоринт, при што Грците гордо очекуваат нивното културно наследство да добие глобално признание, фалејќи се со фактот дека познатиот грчки еп останува жив 3.000 години подоцна.
Продукцијата доби околу 6,5 милиони евра субвенции од грчката држава (нејзиниот вкупен буџет достигна 250 милиони евра), врз основа на шема за субвенции воведена во 2017 година, според која, владата во Атина нуди надоместоци за дел од трошоците за продукции што се одржуваат во земјата.
Но потоа дојде изборот на американската актерка со мексиканско-кениско потекло, Лупита Њонго, да ја игра Елена, чие киднапирање од страна на тројанскиот принц Париз ја предизвика Тројанската војна.
– Крис Нолан го осквернави Хомер само за да ги исполни воук-правилата потребни за освојување „Оскар“ – објави милијардерот Илон Маск на Икс, додавајќи „каков црв“ во однос на режисерот.
Грчките медиуми организираа обемни дебати за изборот, при што историчари, режисери и филмски критичари се расправаа за и против него. Оние што се изјаснија позитивно тврдат дека грчките епови се дел од западната цивилизација и им припаѓаат на сите, односно дека е дозволена креативна слобода, особено кога станува збор за митови.
Оние што се против изборот истакнуваат дека Хомер ја опишал Елена како личност со убава коса, убаво лице и елегантен стил на облекување, но нема специфични карактеристики, оставајќи ја отворена за имагинацијата на читателот. Единствениот опис што е даден се нејзините бели раце.
Малата грчка ултраортодоксна опозициска партија Ники се спротивстави на кастингот и владините субвенции, тврдејќи дека грчките даночни обврзници се повикани да го финансираат наметнувањето на таканаречената воук-идеологија врз грчката историја и културен идентитет.

– Таканаречената патриотска влада на Грција продолжува да го поддржува секој воук-израз и да ја замолчува секоја иницијатива што го истакнува нашиот национален идентитет – рече лидерот на Ники, Димитрис Нациос, во соопштението.
Министерот за здравство Адонис Георгијадис рече дека не се спротивставува на одлуката на неговата влада да го финансира филмот, но истакна дека му е тешко да ги разбере изборите на Нолан.
– Нолан отиде предалеку, не знам дали го прави тоа за да освои „Оскар“ – изјави Георгијадис за локалната телевизија АНТ1.
Некои, исто така, сметаа дека Грците се целосно изоставени од адаптацијата на грчкиот еп, бидејќи ниту еден грчки актер не е вклучен во глумечката екипа. Веб-страницата на грчката дијаспора „Грчки градски тајмс“ упати отворено писмо до актерската екипа и креативниот тим на филмот, тврдејќи: „Грција не е само местоположба во антиката. Таа е жива земја. Грците не се историски личности. Ние сме современици“.
– Не е улога на државата да му диктира на творецот како уметнички треба да толкува дело или мит. Можеме ли сериозно да разговараме за тоа дали државата треба да го цензурира Кристофер Нолан – изјави грчката министерка за култура Лина Мендони, за грчкото културно списание „Лифо“.
Зборувајќи во поткастот „Воена соба“ на Стив Бенон, Енди Земенидес, извршен директор на Советот за хеленско-американско лидерство, го опиша филмот како „пропуштена можност“ за Нолан.
– Разочарувачки е да се чуе дека можеби некои одлуки за кастинг се донесени врз основа на карактеристиките на идентитетот, за да можат да се квалификуваат за „Оскар“ – рече Земенидес.
„Хомер им припаѓа на сите, но зошто Грците недостигаат во ’Одисеја‘ на Нолан?“, се прашува списанието „Лифо“.
„Гардијан“ има сличен текст: „Зошто новиот грчки еп на Кристофер Нолан е целосно лишен од Грци?“
Сепак, се очекува филмот на Нолан да биде хит низ целиот свет, како и во Грција. Премиерата беше неодамна и билетите беа брзо распродадени, додека адаптацијата предизвика продажба во книжарниците на оригиналниот еп.