Од ракометното минато (32)
- Популарниот Гањо беше повеќекратен тениски првак на Македонија, но и еден од најдобрите ракометари на Работнички. Со повеќегодишното прволигашко искуство „железничарите“ беа супериорни во Македонската лига
За да се овозможи што повеќе екипи да бидат вклучени во системот на натпреварите, во поранешната држава се правеа неколку експерименти за да се дојде до она најдоброто. Така, освен прволигашите, за кои немаше проблем и си настапуваа во елитната лига, со оние пониските лиги многу се експериментираше. Така на пример во Македонија првпат имаше Републичка лига во 1959 година. Таа се одржа и следната година, а потоа се укина и клубовите беа поделени и се натпреваруваа во зони. Во нашата република беа формирани три зони, скопска, штипска и битолска, победниците на крајот настапуваа на финалниот турнир за добивање шампион на републиката. Потоа прваците од сите републики играа квалификации за пополнување на Првата сојузна лига. Меѓутоа, овој систем не даде никакви резултати во смисла на кревање на квалитетот на ракометот.
Истото тоа се случи и претходно, кога беа формирани втори лиги, Западна и Источна. Во Источната се натпреваруваа и македонските претставници Партизан од Гевгелија, Пелистер од Битола и скопски Вардар. Тие имаа солидни пласмани на трето, четврто и на шесто место, а по испаѓањето на Работнички од Првата лига се очекуваше токму тој да биде најдобропласираниот тим во Втората лига. Но, и овој систем не донесе ништо ново, па затоа дојде до брзо укинување на двете втори лиги и како најдобра солуција беше секоја република да си има своја лига, а потоа прваците да играат квалификации за влез во најквалитетната Прва сојузна лига.
Така, по многу дискусии и дилеми, на крајот се дојде до ова последното решение, да се формираат шест републички лиги, во кои ќе се натпреваруваат екипите од градовите што ѝ припаѓаат на соодветната република. Ова изгледаше навистина привлечно, зашто овде се очекуваше да има интересни дуели, особено меѓу екипите на градовите што се наттркуваа кој повеќе да се докаже на спортското поле. Едноставно, преку ракометот ќе продолжи традиционалната борба за тоа кој град е поспортски, а своја улога ќе одигра и „вечниот“ антагонизам што со години владееше меѓу некои од градовите, на пример Прилеп и Битола, Штип и Струмица итн. Единствено постоеше стравување да не се распламтат страстите, па да дојде до непотребни инциденти.
Работнички без конкурент во Македонската лига
Во Македонската лига очигледно беше оти главен предводник и фаворит ќе биде најстариот ракометен колектив во републиката, Работнички. Оваа екипа имаше големо искуство уште од првите месеци по Втората светска војна, кога на тлото на поранешна Југославија многу популарен беше големиот ракомет, кој најмногу се играше во Германија. Кај нас, се мисли на тогашна Југославија, Загреб ја имаше водечката улога, а тука како главни конкуренти на екипите од главниот град на Хрватска му беа студентите од ДИФ (Факултетот за физичка култура од Белград). Интересно е да се спомене дека во белградската екипа еден од најпознатите и најстандардни играчи беше токму Славко Матовски, основоположникот на ракометот во Македонија.
Покрај Работнички, во лигата настапуваа уште екипите на Вардар и Југ од Скопје, Пелистер и Работник од Битола, Партизан од Гевгелија, Тиквеш од Кавадарци, Работнички од Титов Велес, Металец од Куманово и Охрид. Вкупно десет екипи требаше да влезат во трката за републичката титула.
Очигледно составот на нашата лига беше многу силен, зашто покрај повеќегодишниот прволигаш Работнички, тука беа и трите клуба што се натпреваруваа во Втората лига исток, Партизан од Гевгелија, Вардар од Скопје и Пелистер од Битола. Впрочем, освен гевгеличаните, другите два клуба и денес играат значајна улога во македонскиот ракомет.
„Железничарите“ без пораз
Претходните прогнози што доаѓаа од стручњаците, но и од позагреаните љубители на ракометот, се исполнија уште во првата година на Македонската лига, која сега со Работнички доби поголем квалитет, а исто така и со Вардар, во кој се приклучија многу играчи од поранешниот прволигаш Графичар и од солидната екипа на Партизан 1 од Скопје.
Интересно е дека скопските „железничари“ најбрзо се адаптираа на новонастанатата ситуација и нижеа победи. Веднаш стана јасно дека тие се главните фаворити и сите веруваа оти тие ќе ја претставуваат нашата република во квалификациите за Првата лига. На крајот и така беше, Работнички без поголеми напори во есенскиот (прв дел) „прошета“ низ лигата и го освои првото место. Инаку, од натпреварите, особено интересен беше дуелот меѓу скопскиот тим и Работник, одигран на 3 декември во снежни услови на лизгавиот асфалтен терен во Битола. За работата на ракометарите да биде уште потешка во текот на целиот меч паѓал снег, па била намалена и видливоста. А, за тоа колку топката била лизгава и не треба да коментираме.
Во такви извонредно тешки услови за игра, Работнички, кој кондициски беше одлично подготвен, имаше постојана контрола врз играта и полека, но сигурно, чекореше кон победата. На крајот скопјаните триумфираа и беа наградени со аплауз од „измрзнатата“ публика, која беше дојдена да го следи овој, и покрај лошото време, интересен и неизвесен натпревар. Работнички, потпирајќи се на прволигашкото искуство, знаеше како да дојде до победата и на крајот славеше со 12-10.
Овој натпревар одигран во првата недела од декември 1962 година најубаво зборува во какви услови, во недостиг од сали, на отворено и на секакви временски услови се играле натпреварите од Македонската лига. На крајот од есенскиот дел Работнички со 18 бода, без ниту еден пораз, беше прв, Југ втор со четири бода помалку, Вардар и Пелистер со по 10 бода беа на третото и на четвртото место. Потоа следуваа Работник, Работнички (Т. Велес), Партизан, Охрид, Тиквеш и Металец.

Штериев рекордер по настапи
Интересна ќе биде да ја погледнеме малку и статистиката од есенскиот дел на Македонската лига и воопшто целата сезона. На љубителите на спортот веднаш ќе им падне во очи податокот дека повеќекратниот тениски првак на Македонија, Гаврил Гањо Штериев беше најконстантен играч на лидерот Работнички. Тој не само во Републичката лига туку и на куп-натпреварите и турнирите одигра најмногу средби во дресот на Работнички, вкупно 28.
На второто место според бројот на одиграни натпревари беа Ѓошев, Маерле и Томовски, со по 27 натпревари. Потоа следуваат Брезовски и Бојаџиевски со 26, Томановиќ 24, Хаџиандоновиќ 22, Караџиќ и Мајснер 20, а браќата Славко и Никола Матовски со по 16 натпревари. На списокот на играчи што ги бранеа боите на Работнички со нешто помалку настапи беа и Гоцевски, Кондратенко, Аврамовски, Кратовалиев, Димитровски, Исоски, Талевски, Јовановиќ, Милиновиќ, Кратовалиев, Буклевски, Наумовски, Илиќ, Никшиќ и Стиков. Вкупно, во првата година по испаѓањето од Првата сојузна лига, за Работнички настапиле 27 играчи.
Ова беше една навистина голема бројка, со која другите клубови не можеа да се пофалат. Тие имаа многу помал фонд на играчи, некои дури беа со само два-три ракометара на клупата за резервни играчи. За разлика од нив, Работнички имаше многу повеќе играчи одошто можеа да се пријават во протоколот за настап, па, така, често некои од првотимците беа и меѓу гледачите. Очигледно тренерот Матовски сакаше сѐ што претставува квалитет во тој момент, особено од другите екипи, па и училишните екипи, да го доведе во Работнички. Така, со големата конкуренција, која владееше за место во тимот, тој го креваше и нејзиниот квалитет.
Сега, на крајот од ова продолжение од серијалот посветен на македонскиот ракомет и неговото квалитетно издигнување, ќе биде интересно да видиме каков беше пласманот на учесниците во Републичката лига по првиот дел. Работнички без ниту еден пораз беше прв со 18 бода, на второто место се пласира Југ (симпатична екипа од населбата Мичурин во Скопје), потоа следуваше Вардар, кој амбициозно почна да создава една силна екипа со играчи од поранешниот прволигаш Графичар и Партизан 1, четврти беше Пелистер, што беше и најава дека битолчани, покрај на фудбалот, сѐ повеќе му посветуваат внимание на ракометот, тука беше и градскиот битолски ривал Работник на петтото место, а потоа до крајот на есенската табела на Македонската лига се пласираа Работнички од Т. Велес, Партизан од Гевгелија, Охрид, Тиквеш и Металец (Куманово). Од имињата убаво се забележува дека градовите каде што некогаш имаше квалитетни екипи и денес се центри на ракометниот спорт. Ова особено се однесува на Скопје, Битола, Кавадарци и Охрид.
































