Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека подготвува план за да го спречи референдумот за поништување на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Од партијата тврдат дека владејачкото мнозинство во парламентот би ја одбила Инцијативата, од што пак, зависи собирањето на граѓански потписи за референдумот.
-Во таквото сценарио главна улога треба да одигра Талат Џафери, кој само ќе го спроведе даденото од Ковачевски. Власта знае дека огромно мнозинство од народот кој ќе излезе на Референдум ќе гласа за поништување на договорот со Бугарија, и затоа бега. Народот ќе излезе на Референдум затоа што знае дека договорот со Бугарија е коренот на сите негации на македонскиот јазик, историја, идентитет. Референдум мора да има, затоа што тој е највисока форма на демократија. Апелираме до антимакедонската СДС и Ковачевски, да не се дрзне да го помножи народот со нула. Дополнително, ако власта верува дека договорот со Бугарија е добар и тој наоѓа на поддршка кај народот, тогаш зошто се плаши да го стави истиот на Референдум? – изјави Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму се уште сметаат дека најдобра опција за државата е истовремено организирање на референдум, предвремени парламентарни и претседателски избори.
Од владејачката СДСМ денеска молк по однос на поднесената Инцијатива. Владејачки пратеници вчера открија дека Иницијативата има проблем околу нејзината уредност, за што всушност одлучува собранискиот спикер и Собранието. Тие тврдат дека Иницијативата е упатена до претседателот на Собранието, без да го наведат новото државно име.
На ова од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека во член 67 ст. 1 од Законот за референдум е наведно дека инцијативата се доставува токму до претседателот на Собранието, па според тоа, Инцијативата за нив е уредна.