Фото: МЖСПП

Одржана јавна расправа по предлог-измените и дополнувањата на Законот за води

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вчера одржа јавна расправа по предлозите за измени и дополнувања на Законот за води, што имаат за цел да обезбедат заштита, зачувување и подобрување на управувањето со водните ресурси преку рационално и одржливо користење на водите, појасни и дефинирани постапки за користење на водите, испуштање во водите и заштита на режимот на водите.

Јавната расправа ја отвори министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини кој истакна дека на овие измени и дополнувања се работи од јуни месец минатата година, период во кој беа спроведени конструктивни и сеопсежни консултации со многу засегнати страни и со исклучителна отвореност и соработка и со граѓанскиот сектор.

Јавната расправа, покрај учество со физичко присуство, овозможи и вклучување преку Зоом платформата.

Бројни претставници од граѓански здруженија и асоцијации, концесионерни на мали хидроелектрани, претставници на водостопански претпријатија, како и државни институции и други засегнати страни, во текот на конструктивнатата дискусија, ги разменија своите ставови и забелешки во правец на подобро финализирање на еден ваков комплексен закон.

Предлог измените и забелешките на Законот за води се достапни на веб страницата на ЕНЕР и на МЖСПП, а крајниот рок за доставување на забелешки и коментари по истите е 15 март 2022 година.

Јавната расправа беше организирана со поддршка на кампањата за застапување и лобирање „Разбистри сè“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, за да се овозможи поголема вклученост на јавноста и поголем степен на транспарентност.