Фото: МИА

Првите километри од автопатот Тетово – Гостивар се очекува да бидат завршени во текот на следната година, а доколку градежните работи продолжат со сегашната динамика, целиот автопат треба да биде пуштен во употреба до крајот на 2028 година, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, пренесе МИА.

При посетата на Општина Тетово, Николоски истакна дека проектот напредува според планираното, откако се решени сите прашања поврзани со експропријацијата.

-Во моментов се работи на дислокација на инсталациите, а паралелно се градат и надвозници за да не се наруши поврзаноста на населбите од двете страни на автопатот. Ако продолжиме со ова темпо, следната година ќе ги видиме првите завршени километри, а до крајот на 2028 година автопатот ќе биде целосно завршен – рече Николоски.

Тој најави и дека Министерството за транспорт, во соработка со Европската Унија и во рамки на Планот за раст, работи на подготовка на документацијата за ново железничко поврзување меѓу Скопје и западниот дел од државата.

Според планот, првата фаза предвидува железничка линија до Тетово и Гостивар, втората до Кичево, а третата продолжување кон Охрид, Струга и Република Албанија.

Николоски истакна дека целта е да се воспостави современ меѓуградски железнички превоз кој ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето.

-Сакаме да создадеме брза железничка врска, така што патувањето од центарот на Тетово до центарот на Скопје да трае околу половина час. Очекувам веќе следната година да ги видиме првите конкретни активности на терен – изјави министерот.

Тој додаде дека проектот ќе претставува продолжение на концептот „Градски воз“, кој се развива во Скопје, со цел подобро железничко поврзување на главниот град со другите региони во земјата.