Фото: принтскрин

Проценка на УХМР

Неготино завчера беше погодено од невреме со ветер и пороен дожд, какво што не памети, кое за 20 минути зад себе остави соборени дрвја и разурнати покриви, со што штетите уште се проценуваат.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за „Нова Македонија“ дадоа стручно видување за невремето, истакнувајќи дека кај нас не често се забележуваат вртлози од воздух во рамничарските делови, но тие се далеку од торнадо според брзината и енергијата што ја создаваат и многу бргу исчезнуваат, односно дека ваквата појава во никој случај не треба да се нарекува торнадо, како што првично беше истакнато од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во изјава за МИА.

– Општа дефиниција за торнадо е силен вртлог со силни разорни движења, силен ветер со брзина од 200 километри на час, што се протега од границата на доброразвиен нестабилен облак до површината на земјата. За нашето подрачје не е вообичаено да има појава на поинтензивни појави од овој вид, од причина што за создавање на поголеми брзини на овие две воздушни струи, потребно е тлото да е поголема рамница за облачниот систем да има повеќе време за да ја зголемува брзината на влезната и излезната струја на воздухот. Не често се забележани појави на вртлози од воздух под облачниот систем од овој вид на нашите рамничарски делови, но тие се далеку од торнадо според брзината и енергијата што ја создаваат и многу бргу исчезнуваат. Во никој случај оваа појава не треба да се нарекува торнадо бидејќи е далеку послаба од торнадата за кои се информираме дека се појавуваат во други делови од светот – објаснуваат од УХМР.

Тие дополнително ја појаснуваат појавата на воздушни вртлози при нестабилни временски услови.

– При нестабилно време и располагање на атмосферата со голема енергија, а тоа е обично случај кога претходниот период температурите на воздухот биле високи, доаѓа до создавање на вертикални облаци или кумулонимбуси. Висината на овие облаци може да достигне и до 16-17 километри и вообичаено се причина за појава на невреме со обилни поројни врнежи, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град – објаснуваат од УХМР. Ветерот во вакви ситуации под облачниот систем има променлив правец. При формирање на ваквите облачни системи постојат две воздушни струи на воздух – струја на топол воздух која се крева нагоре во поголемите височини и е причина за формирање на облакот и струја на студен воздух која се спушта надолу под облакот, понекогаш проследена со дожд и град. Кога енергијата на облакот е голема, студениот воздух има голема брзина и кога ќе се спушти го истиснува топлиот воздух, кој се крева нагоре во вид на вртлог – додаваат од УХМР.

Тринаесет пожарникари со три противпожарни возила од Територијалната противпожарна единица Неготино и шестмина пожарникари со две возила и две пумпи за испумпување вода од Кавадарци биле ангажирани за санирање на штетите по големото невреме кое го погоди Неготино, како што известија претходно од ЦУК.

За еден ден се поднесени над 50 барања од граѓани на Неготино што претрпеле штети од невремето, кои опфаќаат објекти, инфраструктура и на земјоделски површини, информираат од општината, која формира комисија за нивна проценка. М.Ж.