Фото: Маја Јаневска-Илиева

Секој што троши струја треба да ја плати, а бунтот во Слупчане ќе се реши на ист начин како што беа решени и Арачиново и Сарај, уверуваше денес министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Жителите на Слупчане го условија ЕВН да им ги простат долговите, најголемите сметки да бидат 3.000 денари и новите куќи бесплатно да се приклучат за да им биде дозволен влез на екипите во селото.

-Полицијата постапува постојано во договор со ЕВН за целиот овој настан. Јас сум убеден, и веќе тоа синоќа ми го потврди еден од директорите на ЕВН, дека оваа недела почнуваат со целосна реконструкција на таа мрежа. Клучната работа е да ги завршиме сите активности така како што ги завршивме во Арачиново, така како што ги завршивме во Сарај, без да предизвикаме конфликт. Полицијата е тука да постапува врз основа на законските овластувања и кога тие се исполнети, да ги примениме. За нас е важно да имаме мир и стабилност и да ја пратиме пораката дека секој еден во државата, покрај првата, ги има и обврските и мора да плаќа електрична енергија – рече министерот Спасовски.

Доколку има потреба и ако се исполнат услови во кои треба да има интервенција на полицијата, Спасовски вели дека ќе интервенираат оти „не е важно од каде доаѓа криминалецот, не е важно кој е криминалецот, важно е да сноси одговорност“.

Проблемите со мрежата за струја, наплатата на струја и прекините во Слупчане се развлекоа речиси еден месец. Пред три недели кога жителите се кренаа на бунт оти останаа без струја едно деноноќие и не дозволуваа екипите на ЕВН да влезат во селото, ги смири министерот за економија Крешник Бектеши кој преговараше со ЕВН па струјата им беше пуштена.