Испраќањето оценувачка мисија од Европската Унија за мониторинг на Судскиот совет дочекана со поздрави од Владата и критики од правната фела. Премиерот Димитар Ковачевски порача дека е добредојдена, вицепремиерот Бојан Маричиќ порача дека е добра порака до составот на Судскиот совет, а професорката по право, Мирјана Најчевска, рече дека не е добро што ЕУ праќа мисија оти тоа зборува лошо за нас.

„Не бре, дете, не е добро што доаѓа европската мисија да врши мониторинг врз Судскиот совет. Тоа значи дека сме недоветни, неспособни, шутрачиња, кои некој треба да ги мава по уши за да не си ги јадат мрсулите“, напиша Најчевска на „Фејсбук“.

Зборувајќи за судството, премиерот Ковачевски рече дека Судскиот совет е тело што само се избира, само се оценува и самото дава анализа што направило.

-Од првиот ден кога станав премиер, сметав дека такви системи честопати знаат да имаат подруга слика за себеси од тоа што има јавноста, на која ѝ служат. И, затоа, добро е што во рамките на соработката, што ја имаме со ЕУ, сега ќе може да организираат процес на една таква мисија за да ги проверат сите информации во врска со функционирањето на Судскиот совет и потоа да ги споделат и со Европската комисија и со нашите политички актери, кои немаат субординација врз судството, и врз основа на тоа да бидат предложени соодветни реформи, што ќе ја унапредат работата на правосудните органи во државата – рече Ковачевски

Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека со загриженост ги следат случувањата во Судскиот совет и затоа се одлучиле на овој чекор.

Судскиот совет соопшти дека ја поздравува и ја прифаќа идејата на амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, во која најавува дека веќе ѝ е предложено на Владата да се испрати оценувачка мисија за работата на ова тело.