Фото: Пиксабеј

Алармантни податоци за сексуална злоупотреба на деца објави Народен правобранител, според кои во периодот од 2020 до 2025 година евидентирани се над 600 жртви, најголемиот дел на возраст под 15 години.

Анализата покажува дека од 2020 до 2024 година регистрирани се 508 случаи, од кои 455 се девојчиња, а 53 момчиња. Во 2025 година се евидентирани дополнителни 96 жртви, со што вкупната бројка надминува 600.

Државниот советник во Канцеларијата на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа, посочи дека најчести се тешки кривични дела – силување на дете под 15 години (186 случаи), полови напади и силување (99 случаи), како и вонбрачен живот со дете (96 случаи).

-Жртви има и меѓу деца под 10 години, а најмладото дете било помало од три години – изјави Бајрамовска.

Најголем дел од жртвите се деца на возраст од 11 до 15 години, при што околу 90 проценти се девојчиња. Сепак, се укажува дека бројот на машки жртви може да биде поголем поради недоволно пријавување, предизвикано од стигма и социјални бариери.

Случаите најчесто ги пријавуваат родители и здравствени установи, додека училиштата и центрите за социјална работа поретко реагираат, што укажува на потреба од засилување на нивната превентивна и заштитна улога.

Анализата детектира сериозни слабости во институционалното постапување – недостаток на координација, повеќекратно испрашување на децата и недоволна примена на законските механизми за заштита.

-Постои јаз меѓу законската рамка и практичната примена – нагласи Бајрамовска.

Дополнително, се посочуваат недостиг на специјализирани простории за сослушување, обучен кадар и ресурси, како и долготрајни судски постапки кои во некои случаи траат и до две години.

Како клучни препораки се наведуваат: еднократно сослушување на детето, обезбедување на специјализирани услови за работа со жртви, континуирана обука на професионалците, психосоцијална поддршка и воведување на т.н. „Барнхаус модел“ – интегриран систем за заштита на децата.

Од Канцеларијата информираат дека регистарот за сторители на вакви дела функционира, но прашањето за дополнителни мерки, како што е хемиска кастрација, сè уште не е решено.

Последните случаи дополнително ја вознемирија јавноста, вклучително и случај на долготрајна злоупотреба на малолетник и случаи на присилни вонбрачни заедници со малолетни девојчиња.