Министерството за образование и наука ќе добие 19,2 милиони евра од Европската Унија за исполнетите обврски од Реформската агенда, соопшти министерката Весна Јаневска преку објава на Фејсбук, пренесе МИА.
Како што наведе, средствата се признание за досегашната реализација на реформските мерки и ќе бидат искористени за продолжување на образовните реформи.
-Кон преземените обврски преку Реформската агенда пристапивме одговорно и работевме посветено. Така и ќе продолжиме. Резултатот е евидентен и задоволна сум од досегашната исполнетост на поставените цели. Им благодарам на Владата, на институциите со кои партнерски работевме и на Европската Унија, која ќе го дополни буџетот на Министерството за образование и наука со 19,2 милиони евра – напиша Јаневска.
Според министерката, Министерството успешно ги реализирало трите клучни образовни реформи во рамки на компонентата за човечки капитал од Реформската агенда. Над 160 основни училишта се опремени со безжична мрежна опрема и современи ИТ-алатки за безбеден пристап до интернет, воведена е нова методологија за финансирање на основното образование, а предвреме е усвоен и нов модел за финансирање на средното и стручното образование, кој веќе се применува од почетокот на буџетската 2026 година.
Јаневска порача дека Министерството ќе продолжи со реализација на сите преземени обврски од Реформската агенда, кои, како што истакна, имаат цел да обезбедат поквалитетно и европски ориентирано образование.


































