Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврди дека во сообраќајна несреќа вчера во попладневните часови во близина на населеното место Палојце животот го загубило едно лице, додека три лица се повредени.
МНР соопшти дека преку Амбасадата на Македонија во Белград е информирано дека лицето кое го загубило животот е државјанин на Македонија, додека повредените лица се државјани на Република Словенија.
-Амбасадата во Белград е во постојана комуникација со надлежните служби на Република Србија и за сите дополнителни информации јавноста ќе биде навремено информирана – наведуваат од МНР.
Претходно денеска дописникот на МИА од Белград јави дека во тешка сообраќајна несреќа кај Лесковац, на влезот во Грделичка клисура загина македонска државјанка, а четворица се повредени, меѓу кои две деца на возраст од две и од четири години.
Несреќата, според српските медиуми, се случила кога возачот изгубил контрола над возилото и удрил во заштитната ограда, која потоа поминала низ возилото. Во несреќата загинала сопругата на возачот, која се наоѓала на совозачкото седиште, а покрај него, повредени се и нивните две деца и една постара жена.
Станува збор за семејство од Македонија кое се враќало од одмор во Словенија, кое има и словенечко државјанство.
-Жената беше сопатничка. Превезовме две деца, од кои едното има тешки повреди. Повреди има и возачот, сопругот на починатата, но се чини дека се полесни, иако не можеме ништо со сигурност да кажеме додека не заврши снимањето – кажа очевидец за весникот Ало.
Една екипа од Итна помош од Здравствен дом Лесковац и друга екипа од Лесковачката болница во рекордно време пристигнале на местото и им укажале помош на повредените. Таму била и екипа на Итна помош од Здравствениот дом од Грделица, а едно од децата со полициски автомобил е пренесено во болница.
Според лекарите од Ургентниот центар во Лесковачката болница зад воланот бил И.А. (28), кој, за среќа, не е повреден, освен што е во состојба на шок и збунетост.
-Едното дете е на дијагностика, се сомневаме на фрактура на бутната коска, другото, за среќа, остана неповредено – изјавија лекарите од Лесковачката болница.
Истрагата се уште е во тек.