Фото: ЕПА

Македонија до 2031 година се очекува да остварува просечен економски раст од три проценти годишно и да биде седма најбрзорастечка економија во Европа, покажуваат проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), пренесува Еуроњуз.

Според анализата, економиите од Западен Балкан – Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово – ќе бележат раст од околу три проценти, што е значително над очекуваниот просек на еврозоната од 1,2 проценти и Европската Унија од 1,4 проценти.

Најбрз економски раст во Европа, според прогнозите на ММФ, ќе има Малта со речиси четири проценти, додека најниски стапки се очекуваат кај Германија и Италија.

ММФ оценува дека јавниот долг, стареењето на населението, слабата продуктивност, високите трошоци за енергија и геополитичката неизвесност ќе продолжат да го ограничуваат економскиот раст на најголемите европски економии, додека помалите држави се очекува да растат со значително побрзо темпо.