Фото: Пиксабеј

Министерството за внатрешни работи информира дека во изминатите 24 часа се евидентирани четири случаи на семејно насилство во Гостивар, Тетово, Кисела Вода и Кавадарци. Во еден од случаите е приведено едно лице, а со две лица е извршен службен разговор, пренесе МИА.

Во Гостивар, 28-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг физички ја нападнал неа и нивниот 10-годишен син со тврд предмет во семејниот дом.

Во Тетово, 28-годишен маж пријавил дека бил физички нападнат од својата баба.

Во скопската населба Кисела Вода, полицијата извршила службен разговор со две лица по пријава дека физички нападнале 68-годишен маж, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во Кавадарци, полицијата ја привела 38-годишна жена осомничена дека физички го нападнала својот сопруг. За случајот е известен јавен обвинител, а по неговото расчистување ќе следува соодветна пријава.