Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Делчево го повика Јавното обвинителство да отвори постапка и да ги испита, како што рече, повеќе од 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар од 2021 година, оценувајќи дека тогашните надлежни институции не презеле соодветни мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
Одговарајќи на новинарско прашање за критиките од опозицијата дека Владата не направила доволно за состојбата во Гостивар, Мицкоски рече дека проблемот со водоснабдувањето постоел и претходно.
Тој посочи дека во 2021 година биле евидентирани над 400 пријави за неквалитетна вода во Гостивар, во период кога, како што наведе, актуелниот претседател на СДСМ бил министер за здравство, а претставникот кој денес настапува во име на партијата бил директор во Институтот за јавно здравје.
– Го повикувам Обвинителството да ги провери овие наводи и да утврди зошто, и покрај пријавите, не биле преземени мерки за заштита на здравјето на граѓаните. Очекувам уште денеска да се побара документацијата од Институтот за јавно здравје и од Агенцијата за храна и ветеринарство – изјави Мицкоски.
Премиерот упати критики и кон претходната власт, обвинувајќи ја за, како што рече, сериозни пропусти во здравствениот систем, меѓу кои ги спомена трагедијата во модуларната болница во Тетово, управувањето со пандемијата на Ковид-19 и случајот со Клиниката за онкологија.
Осврнувајќи се на актуелната состојба во Гостивар, Мицкоски рече дека водата и натаму треба да се користи само како техничка, бидејќи иако повеќе не се регистрирани фекални колиформни бактерии, анализите покажале присуство на друга резидуална бактерија во водоводната мрежа.
Според него, поради прочистувањето на системот и хиперхлорирањето се појавила оваа бактерија, а надлежните работат на нејзино отстранување.
– Очекувам и овој предизвик да биде надминат, по што водата ќе може повторно да биде одобрена за пиење и подготовка на храна – изјави Мицкоски.






























