Тони Менкиноски пред Управниот суд/Фото: С.Н.М.

Управниот суд се изјасни против одлуката на Министерството за правда

Решението на Министерството за правда со кое се забранува употребата на терминот „Македонија“ при регистрација на правни субјекти се поништува со денешната пресуда на Управниот суд. Ваквата судска одлука претставува добиена битка според адвокатот Тони Менкиноски, што го застапуваше тужителот Димитар Џундев. Министерството за правда сега има рок од 60 дена да донесе ново решение за употребата на терминот „Македонија“.

– Управниот суд го поништи решението на министерот Бојан Маричиќ со кое се забранува употребата на терминот „Македонија“ на здружение граѓани од Република Македонија. Моментно го поништи тоа решение и го врати на одлучување во Министерството за правда. По законски предвидениот рок од 60 дена, министерството мора да донесе решение со кое ќе каже дали го дозволува или не го дозволува терминот „Македонија“. Ако повторно каже дека не е дозволено, ние пак можеме да вложиме тужба и тогаш Управниот суд треба да одлучува мериторно. Тоа значи дека неговата одлука е задолжителна, не само од формален, туку и од суштински аспект. Тогаш Управниот суд ќе се произнесе во целост за тоа дали може да се користи или не терминот „Македонија“. Апсолутно дека очекував ваква одлука. Денеска добивме една битка, но не и војната. На овој начин треба да си ги остваруваме своите права, за жал во Македонија, но мислам дека не треба да се откажуваме. Одиме понатаму – порача Менкиноски по денешната одлука на Управниот суд.

Менкиноски: Користењето на името „Македонија“ е наше генетско право, ќе одиме до крај против забраната

Судот расправаше по тужба против решение на министерот за правда со кое  се забранува употреба на името „Македонија“ при регистрација на правни субјекти. Со тужбата поднесена од Џундев се бараше поништување на ова решение, односно да се дозволи називот на здружението „Млади за Македонија“ од Гевгелија да го содржи името „Македонија“. Џундев смета дека користењето на терминот „Македонија“ му беше забрането на целиот македонски народ со првичната одлука на Министерството за правда.

Менкиноски, кој е и правен застапник на Македонците од Бугарија пред судот за човекови права во Стразбур, претходно напомена дека Министерството за правда во овој случај постапува исто како и бугарските власти, кога забрануваат да се идентификуваат Македонците во Бугарија. Тој нагласи и дека предметот е апликативен со пресудите донесени пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур за членот 11, што се однесува на правото на здружување на Македонците. М.Ж.