Тони Менкиноски (десно) и Димитар Џундев пред Управниот суд

Користењето на името „Македонија“ е основно човеково и генетско право и за овој предмет ќе одиме до крај, истакнаа адвокатот Тони Менкиноски и тужителот Димитар Џундев по отворената седница на Управниот суд на која денеска се расправаше за употреба на терминот „Македонија“ при регистација на правни субјекти. Судот расправаше по тужба против решение на министерот за правда со кое забранува употреба на името „Македонија“ при регистрација на правни субјекти. Со тужбата се бара поништување на ова решение, односно да се дозволи називот на здружението „Млади за Македонија“ од Гевгелија да го содржи името „Македонија“.

Менкиноски кој е и правен застапник на Македонците од Бугарија пред судот за човекови права во Стразбур, напомена и дека Министерството за правда во овој случај постапува исто како и бугарските власти кога забрануваат да се идентификуваат Македонците во Бугарија.

– Министерството за правда на Македонија постапува исто како што постапуваат бугарските власти во република Бугарија со тоа што забранува поимот „Македонија“ да се користи во официјална употреба од здружение на граѓани, исто како што бугарските власти забрануваат да се идентификуваат Македонците во Република Бугарија. Сега сме пред круцијална одлука на Управниот суд. Ние денеска ги изложивме аргументите дека тоа е наше генетеско право, кое го имаме, кое сме го наследиле и право согласно европската конвенција за човекови права, универзалната декларација за човекови права, го имаме да се идентификуваме како Македонци и да го користиме поимот Македонија. Управниот суд наредната недела треба да донесе одлука дали ја прифаќа нашата тужба и го поништува решението со кое е забранета употребата на терминот Македонија во Македонија, што е крајно апсурдно – кажа Менкиноски во изјава за медиумите по судската расправа.

Тој нагласува дека предметот е апликативен со пресудите донесени пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур за членот 11, што се однесува на правото на здружување на Македонците.

– За овој предмет ќе одиме до крај бидејќи е апликативен со пресудите кои се донесени во Стразбур за членот 11 – право на здружување на Македонците. Значи, имаме иста ситуација каква што имавме во Република Бугарија, сега во Република Македонија, од страна на официјалната власт, со тоа што носи решение со кое забранува терминот Македонија да се употребува во името на здружение на граѓани – објаснува Менконоски.

Џундев смета дека со одлуката на Министерството за правда користењето на терминот „Македонија“ му се забранува на целиот македонски народ.

– Името Македонија не ни е забрането само на нас, туку со одлуката на Министерството за правда, буквално е забрането на целиот македонски народ. Затоа имаме света обврска да не се предаваме и да се бориме се додека не докажеме дека наше основно човеково право е да го користиме името Македонија, бидејќи тоа е гарантирано со универзалната декларација на човековите права. Ако вие регистирате здружение или компанија што го користи името, Кина, Америка, Јапонија или Русија, вие ќе немате никаков проблем. Само ако го користите името Македонија, државава вам ви прави проблем, односно ви дава забрана што е исто со забраната што ја издале турските власти пред повеќе од 120 години. Ќе одиме до крај и ќе ги користиме сите правни механизми, се додека да го добиеме случајот. Подготвени сме да одиме и во Стразбур – категоричен е Џундев.

Управниот суд или ќе испише историја со тоа што ќе ја прифати тужбата или ќе ја потврди октруираната одлука на Министерството за правда, со која употребата на името Македонија ќе им биде ограничена, не само на посоченото здружение, туку и на сите Македонци, кажал Менкиноски во завршните зборови на денешната расправа во Управниот суд, додавајќи дека смета оти судот треба да го прифати тужбеното барање и да дозволи употреба на терминот „Македонија“, согласно со праксата на Европскиот суд за човекови права која е задолжителна согласно протоколот 14.

Предвидено е Управниот суд да ја објави одлуката за тужбата идната среда. М.Ж.