Фото: Макстил

Макстил донира изработка и реквизити за првиот мултифункционален парк со детско игралиште и опрема за вежбање во општина Гази Баба. На површина од 2000 м2 компанијата создаде модерен и урбан простор за социјализирање и рекреирање.

Фото: Макстил

Со донацијата е обезбедено набавка и монтажа на детски реквизити, фитнес опрема, кои се поставени на тартан подлога, направено е уредување на просторот и тревникот околу паркот со зеленила, листопадни дрвjа и алпинеум, инсталиран е автоматски систем за наводнување како и заштитна ограда околу паркот.
Новиот мултифункционален парк се наоѓа во населба Маџари – Хиподром, веднаш зад основното училиште „Наум Наумовски-Борче“ и ќе претставува отворен јавен простор за сите граѓани.

-Општествената одговорност на Макстил е секогаш насочена кон вистинските и суштински потреби на граѓаните. Како компанија што е дел од оваа заедница ги следиме состојбите околу нас и целосно ги вложуваме нашите капацитети, финансиски, човечки и материјални со цел да придонесеме за создавање нешто што е потребно за градот и општината. Досегашното искуство, она што го практикуваме и соработката што ја имаме воспоставено со општината покажа дека компаниите можат да направат многу за заедницата и да помогнат во подобрување на состојбите во кој било сектор. Веруваме дека и со денешната донација ќе придонесеме за збогатување на секојдневните активности и содржини за граѓаните и дека паркот ќе биде место за собирање и дружење на повеќе генерации, како и основа за создавање здрави навики кај младата популација – истакна Марија Дуковска Павловска генерална директорка на Макстил.

Фото: Макстил

На денешното пуштање во употреба беше присутен и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
-Со овој мултифункционален парк правиме уште едно поубаво место на кое што граѓаните на Гази Баба ќе можат да се дружат, да спортуваат и да рекреираат. Сакам да се заблагодарам на „Макстил“ која беше партнер во реализација на овој проект. Паркот е изграден со средства од Општина и од „Макстил“ – посочи тој.

Фото: Макстил

Макстил е компанија што редовно спроведува општествено одговорни активности за поддршка на заедницата каде што работи, но исто така и ја поттикнува свесноста за потребата од поголем ангажман од бизнис секторот во подобрување на состојбите во општеството.

Донациите и ангажманот на компанијата се насочени кон образованието, животната средина и еко свеста, здравствените установи и културните вредности.

Фото: Макстил

Неодамна, во година кога одбележува 25 години од своето постоење, Макстил ја реализира најголемата еднократна донација во здравството досега, вредна 260.000 евра, при што целосно го реновира Одделот за онкологија на Клиниката за детски болести.