Фото: Министерство за култура

Македонскиот, како официјален јазик на територијата на целата држава, е дефиниран како духовно наследство и треба да ужива заштита од највисок вид, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во емисијата „Објектив“ на МТВ, додавајќи дека Македонија е потписничка на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на материјално и нематеријално наследство.

Таа истакна дека со новиот закон се одговара на предизвиците што ги носи новото време, бидејќи, како што истакна, сите сме сведоци што се случува со говорниот и пишаниот јазик.

– Носењето на законот е голем чекор со кој се дорегулираат правните норми за заштита и негување на стандардниот литератиурен јазик и што треба секоја институција да има за да придонесеме кон заштита на јазикот во својата форма – рече Костадиновска-Стојчевска.

Министерката за култура нагласи дека со законот ќе се предизвика промена во позитивна смисла за поголема свесност на говорителите, како и да се афирмира надвор од границите на нашата држава.