Низ целата оваа година во светов, особено во Шпанија и Франција, ќе се одбележуваат педесет години од заминувањето од овој свет на, не знам каква титула да му дадам на човекот, личноста што заедно со многу други автори во почетокот на минатиот век предизвика вистинска ликовна револуција или творечки земјотрес.
Со сета моја скромност ќе го наречам сликарскиот револуционер Пабло Пикасо. За него се напишани стотици книги, направени се филмови и документарни и играни и сега за овој повод да почнам да пишувам дека бил роден на 25 октомври 1881 година во Малага, дека татко му бил учител по ликовно или дека во Франција се дружел со Аполинер, Гоген, Хуан Гри, Матис, дека во 1905 година се запознава со колекционерката Гертруда Стејн или дека токму тој ја изработил најзначајната слика од минатиот век „Герника“, таквите биографски податоци колку да се прецизно поредени и искажани сепак се познати и би биле по малку здодевни приказни за тие што ги обожаваат и почитуваат делото и личноста Пабло Пикасо.
Тоа што можам да си дозволам да го кажам е дека тие живееја во времето на Микеланџело на Леонардо да Винчи, на Рембрант, на Рубенс, Фидијас, Скопас, нашите фрескописци, Франциско Гоја, Ел Греко, Веласкез, Тицијан и многу други значајни ликовни творци, ние сега сме и живееме во времето на Пабло Пикасо.
Од спомнатите причини во ова писание ќе се потрудам да раскажам две творечки и инвентивни приказни во кои Пикасо бил тема или сиже во таквите случувања, кои повеќе заликуваат на филмски или ликовни пикантерии. Во една од нив сосема случајно сум бил повикан како учесник, оттука убеден сум дека за читателите таквите несекојдневни уметнички претпоставки или настани што навистина се случиле ќе бидат поинтересни и позабавни кога како тема го имаме славниот Пикасо.
Многумина сме го гледале „Титаник“, филм на Џемс Камерон, во главните улоги со Леонардо ди Каприо, Кејт Винслет, филмски проект што се стекнал со 11 „оскари“.
Кога и како Пикасо влегува во филмот „Титаник“? Една од поважните негови слики е и „Госпоѓиците од Авињон“ изработена во 1907 година и се смета дека со таа слика почнува или се најавува почетокот на кубизмот. Во филмот, Роуз (Кејт Винслет) е љубителка на ликовната уметност и таа во својот голем багаж што го товарат на „Титаник“ ја носи и сликата „Госпоѓиците од Авињон“. Бродот „Титаник“ тргнал кон Америка во 1912 година и по три дена патување низ Атлантски Океан удира во санта мраз и потонува.
По некоја логика би требало и сликата „Госпоѓиците од Авињон“ да ја споделила судбината на „Титаник“, но не верувам дека Џемс Камерон не знаел дека сликата на Пикасо не патувала со „Титаник“, мислам дека Камерон (со копија од сликата на Пикасо) го направил тоа за да предизвика своевидна филмска и ликовна приказна, нешто што во филмското творештво е сосема дозволено. Денес остатоците од славниот „Титаник“ лежат на дното на Атлантикот, славната слика на Пикасо, „Госпоѓиците од Авињон“, го краси просторот на Музејот на современата уметност во Њујорк.
Ежен Гилвик, француски поет и добитник на наградата „Златен венец“ од Струшките вечери на поезијата, исто така ѝ е позната личност на нашата културна јавност. На времето режисерот Кирил Ценевски добил задача да изработи филмски портрети на некои од добитниците на „Златниот венец“ од Струшките вечери на поезијата. Кога дојде редот да му направи филмски портрет на Ежен Гилвик, јас како ликовен гастарбајтер престојував во Франција и кога филмската екипа пристигна во Париз, Ценевски ми се јави преку телефон и ми кажа ако сакам да им помогнам со што било околу реализацијата на филмот за Гилвик. Бидејќи со Кирил и со целата екипа од „Вардар филм“ се познававме како добри пријатели, веднаш прифатив да помогнам колку што можам како преведувач и познавач на Париз за полесно доаѓање до станот на Гилвик, кој во тоа време живееше во квартот Монпарнас.
Во домот на Гилвик, екипата водена од Кирил Ценевски почна со снимањето, мене ми падна во очи еден цртеж, портрет на Гилвик изработен од Пикасо. Му се обратив на Ценевски и му реков, Ежен Гилвик поседува негов портрет цртеж изработен од Пикасо, штом има цртеж од Пикасо тоа значи дека некогаш се сретнале! Прашај го Гилвик за цртежот и дали се имаат сретнато со Пикасо? Прашањето му го поставив на Гилвик и тој ни одговори: „Тоа е голема и интересна приказна кога Монпарнас беше кварт на творците и многу сликари, поети, режисери и актери се среќававме во кафеаната ’Ла Ротонд‘ и при една посета Пикасо ми се обрати: ’Ежен имаш лик за интересен портрет‘, а јас веднаш му се понудив на Пикасо кога можам да отидам во неговото ателје за да ми направи портрет. Пикасо ми одговори, кажуваше Гилвик, ’ќе ти соопштам кога‘. По две недели повторно се сретнавме во ’Ла Ротонд‘ и го потсетив Пикасо за портретот! ’Јас работам на портретот‘, му одговорил Пикасо“.
По други две недели се случило истото, Пикасо го уверувал Гилвик дека работи на портретот.
„Изгубив надеж дека еден ден ќе имам цртеж на мој портрет изработен од чудесниот Пабло Пикасо. По една недела во ’Ла Ротонд‘ влегува Пикасо, носејќи со себе блок за чување цртежи, го отвори и пред другите пријатели ми рече. ’Господине Ежен Гилвик, во блокот има дваесет цртежи, твои портрети одбери си еден кој најмногу ти се допаѓа‘. Го одбрав овој цртеж, но и сите други беа исто успешни како и овој, што за мене претставува голема почит кон Пикасо со кого често се дружевме.
Не можам да не го кажам следново, ни спомена Гилвик, Пикасо имаше силна моќ на перцепција, кога ми велеше дека работи на портретот, всушност, тој навистина работеше на мојот портрет, негов модел бев кога се дружевме во кафеаната ’Ла Ротонд‘“.
Еве еден мал омаж за големиот Пабло Пикасо.