Фото: ЈКП „Водовод“ Битола

СВР Битола до Основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против П.М. (39) од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Пријавениот, како што соопштија денеска од МВР, вработен како директор на ЈКП „Водовод“ – Битола, на 14.08.2022, на 26.08.2022 и на 02.09.2022 реализирал три службени патувања во странство со службено возило на ЈКП „Водовод“, патувајќи со лица кои не се вработени во претпријатието и тоа со претходно донесени непрецизирани и некомплетни одлуки од Управниот одбор за одобрување на службени патувања во странство.

Исто така, тој како одговорно лице во текот на 2022 година примил фактура во износ од 20.088 денари од овластен сервис за поправка на службеното возило, која била наплатена од сметката на ЈКП „Водовод“, иако возилото било каско осигурано.