Фото: Архива

Владата денеска на седница се очекува да расправа за концесијата за рудниците Иловица-Штука, а министерот за економија Крешник Бектеши да реферира за сите правни постапки што се преземени за овие рудници почнувајќи од 2012 година.

Од владината прес-служба во 14 часот најавија и прес-конференција на министерот Бектеши без дополнителни детали.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вчера потврди дека Владата ќе расправа за концесијата и повтори дека ќе се почитува одлуката на граѓаните доколку се изјаснат против отворањето на вакви капацитети во овој регион.

– Откако ќе ги слушнеме сите моменти, ќе се знае кој е следниот чекор. Како Влада рековме дека ако граѓаните кажат дека не сакаат да имаат рудник, ние ќе постапиме така. Мислам дека таму еднаш имало изјаснување на граѓаните само во Босилово, подготвени сме да помогнеме сите граѓани од целиот тој регион да се изјаснат на референдум дали сакаат или не сакаат да има рудник – изјави вчера Битиќи.

Жителите и невладините организации од струмичкиот регион на 15- месецов протестираа против отворањето на рудникот и спојувањето на концесијата, а на протестот учествуваа и министерките за труд и социјална политика и за животна средина и просторно планирање Јованка Тренчевска и Каја Шукова.

Од Министерството за економија (МЕ), минатата недела на брифинг со медиумите наведоа дека остануваат на ставот дека административно треба да се спојат двете концесии на Еуромакс Ресоурсис за рудникот Иловица. Тоа, посочија, им следува согласно членот 61 од Законот за минерални суровини, бидејќи концесионерот ги има двете концесии од кои првата се содржи во втората, односно е целосно опфатена во втората.

Според МЕ, и да се ревидира одлуката на Владата за спојување на концесиите, повторно компанијата ќе ги има двете концесии и ќе може да се повика на записникот што го има направило Министерството за економија на 5 февруари 2016 година кога излегле на терен и констатирале дека може да продолжи постапката за спојување на концесиите по претходно поднесеното барање на компанијата. За тоа ќе можат да поднесат тужба до Управниот суд кој веќе одлучи да им се врати концесијата што претходно им ја одзеде Министерството за економија.