Премиерот Димитар Ковачевски на следната владина седница ќе побара да се почне постапка за поништување на државјанството на Олександар Онишченко.
– На наредната Влада јас ќе побарам статус во однос на активностите што треба да ги преземат институциите со цел поништување на државјанството издадено од страна на нашата држава и исто така ќе следуваат и одредени други активности во наредниот период – рече премиерот Ковачевски на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.
Прашан за тоа дека нема реакција на институциите во однос на сообраќајниот прекршок на син на заменик-министерот за внатрешни работи, Ковачевски побара новинарите да се држат до информациите што ги сподели МВР.
– Ниту еден човек, без разлика чиј син е, не може да биде санкциониран различно од кој било друг граѓанин во држата, така што и министерот кажа дека се работело за приватно возило коешто го управувало одредено лице и кое ќе биде третирано согласно одредбите на Законот за сообраќај – рече Ковачевски, на прес-конференцијата во Владата.