Фото: Маја Јаневска Илиева

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска, на чествувањето на 152-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, изјави дека „и Делчев и сите ние може да се гордееме со тоа што е направено во изминатите децении“.

Доскорешниот премиер и актуелен претседател на СДСМ денеска ја предводеше партиската делегација на чествувањето во црквата Св. Спас во Скопје. Со него беа и неговата заменичка Сања Лукаревска и вицепремиерот Бојан Маричиќ.

– Навистина на достоинствен начин се одбележа 152-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Драго ми е што на ваков начин го одбележавме овој голем ден во македонската историја. Тука сме во црквата „Свети Спас“ каде Делчев побарал да биде погребан, во независна суверемна Република Македонија. Можеме да бидеме горди, не само што тој почива во независна Македонја, туку и во Македонија која напредува, која е дел од НАТО, која ќе стане дел од ЕУ и навистина, може и тој и сите ние да се гордееме со тоа што го направивме во изминатите децении, изјави Ковачевски по чествувањето.

На гробот на Делчев во Скопје денеска се поклонија претставници на државниот врв, на Владата, на политичките партии, МПЦ-ОА и бројни државни и невладини организации.