ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ
Проблемот со растечката сиромаштија во земјава веќе и претходно беше детектиран, по што следуваа повеќе сугестии и мерки за сведување на истото тоа во прифатливи рамки. Меѓутоа, со оглед на најновите бројки што идентификуваат конкретни индикатори и состојби, ефектите како да изостануваат
Непосредно пред вчерашното отворање на собраниската дебата за ребаланс на буџетот, со кој, според министерот за финансии Фатмир Бесими, е насочена поддршка за граѓаните и за фирмите заради надминување на предизвиците што ги донесоа новите светски кризи, невладината организација Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС) ги објави резултатите од анкета, од кои, како еден од заклучоците, произлегува дека граѓаните како најголем проблем во земјава ги посочуваат сиромаштијата и невработеноста.
Одамна детектиран социјален проблем
Споменатиот проблем, иако во нешто помал обем, веќе претходно беше детектиран, по што следуваа повеќе сугестии и мерки за негово сведување во прифатливи рамки. Меѓутоа, со оглед на најновите бројки, ефектите како да изостануваат.
– Најважните проблеми со кои се соочува земјата се сиромаштијата и невработеноста (30 отсто) и корупцијата и криминалот (25,9 отсто). Во низата проблеми со кои се соочува земјата потоа следуваат економската ситуација (13,9 отсто) и иселувањето на младите (13,5 отсто) – се вели во еден од заклучоците од истражувањето на МЦМС, при што се наведува и дека мнозинството испитаници (55,1 отсто) веруваат дека економијата ќе се влоши во следните две години.
А дека не станува збор само за перцепција на граѓаните потврдува и претходната објава на Државниот завод за статистика, според која, во 2020 година, речиси 452 илјади граѓани, или 21,8 процент од населението, живееле под прагот на сиромаштија, што покажува тенденција на зголемување во однос на 2019 година – кога тој процент изнесувал 21,6 отсто.
За овој општествен феномен, пред само неколку дена зборуваше и претседателот на државата, Стево Пендаровски, кој осврнувајќи се на состојбата во 2020 година, оцени дека, поради комбинираните ефекти на здравствената, енергетската и економската криза, таа бројка сега е повисока.
– Во 2020 година, околу 21,8 процент од населението живеело под прагот на сиромаштијата, што е двојно повисоко споредено со просекот на Европската Унија. Поради комбинираните ефекти на здравствената, енергетската и економската криза, таа бројка денес е повисока. Младите масовно се иселуваат, граѓаните станаа пасивни и аполитични, а недовербата во институциите хронична – нагласи Пендаровски на промоцијата на рамката за развој МКД 2030 како долгорочна визија за развојот и иднината на земјата.
Тој, истакнувајќи дека дијагнозата на проблемите со кои Македонија со години се соочува е загрижувачка, рече дека земјата има скромен економски раст, ниско ниво на конкурентност и недоволна вклученост во меѓународните синџири на набавки. Подвлекувајќи дека корупцијата, клиентелизмот и сивата економија ја следат земјата практично од независноста, Пендаровски додаде дека сегашниот развој на земјата е еколошки неиздржлив, социјално неинклузивен, регионално неизбалансиран и енергетски ранлив.
Пресретнување на евентуална ескалација на состојбите!
Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, пак, од поинаков агол го согледа проблемот. Барајќи државата веднаш да преземе мерки, кои би значеле пресретнување на евентуална ескалација на состојбите, што би можело да се случи следната зима, тој се заложи за штедење и од државата и од граѓаните и од компаниите.
– Ние треба прво отворено да кажеме дека државата се наоѓа во тешка ситуација, нешто што јас го повторувам изминатите шест месеци и барам сериозна акција околу тоа. Имаме неколку состојби што дефинитивно констатирани можат многу тешко да ја погодат економската активност, да дојде до затворање на компаниите и до намалување на работните места – смета Азески.
На ургентноста на потребата од реакцијата предупреди и Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.
– Македонската влада ќе мора да преземе мерки за да се справи со инфлацијата или, во спротивно, ќе се продлабочи сиромаштијата. Дефинитивно не е издржан аргументот дека нема пари во буџетот, може не е во одлична форма, но има доволно за да се задоволат сите овие потреби – истакна Јовановиќ.
Инаку, и во најновиот извештај на Обединетите нации се вели дека за околу 180 милиони луѓе во 41 од 53 земји за кои се достапни податоци се предвидува дека ќе се соочат со кризи со храна или со влошување на условите за живот во текот на оваа година, а за уште 19 милиони се очекува да се соочат со „хронична неисхранетост“ во 2023 година.
– Последиците од војната во Украина го зголемуваат страдањето на милиони луѓе поради зголемените цени на храната и енергијата и влошената финансиска криза, со влијанието на пандемијата на ковид-19 и климатските промени – стои во извештајот на ОН.
Речиси во исто време и Светската банка во својот извештај „Глобални економски перспективи“ отворено предупреди дека остриот економски пад ќе биде норма за многу земји, бидејќи проекциите за глобалниот економски раст се намалени. Д.М.М.