Фото: Принтскрин

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова лично на официјална церемонија му го врачи бугарското државјанство на Христијан Пендиков.

Јотова рече дека врачувањето и претставува огромна чест и од денес Пендиков ќе има заштита од бугарската држава и станува граѓанин на Бугарија и Европската Унија.

Го нарече храбар млад човек кој и покрај провокациите останал верен на бугарската самосвест и идентитет.

-Сите ние треба да го чуваме државното достоинство на Бугарија. Секој граѓанин на Европа има право на својот идентитет – да зборува за него и да го заштитува. Очекуваме од Северна Македонија да ги признае правата на Бугарите во свопствената држава – рече Јотова.

Бугарски медиуми церемонијата ја пренесуваа во живо.

-Сакам да им се заблагодарам на претседателот на Република Бугарија, на заменик-претседателот, на сите министерства, кои ми помогнавте, на сите пријатели. Благодарност до полицијата, која секојдневно се грижеше и сè уште се грижат за мојата сигурност затоа што ме заплашуваат. Сакам да му се заблагодарам и на докторот кој уште ми помага, како што им помага и на македонските Бугари, кои се трудат за нашата кауза – рече Пендиков.

Тој додаде: „Во Македонија има уште многу македонски Бугари кои се борат секојдневно за нашата кауза и идеологија, кои се во првите редови на идеологијата. Тие секојдневно се во Северна Македонија и трпат притисок од тамошните власти“.

Пенидков, е родум од Охрид. За јавноста непознат додека не беше натепан во инцидент кој потоа беше политизиран. Како причина беше наведено дека е тоа што Пендиков се декларира како Бугарин, а се зборуваше дека тој имал нерасчистени сметки со напаѓачите. Тој беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид со контроверзно име „Цар Борис Трети“.

Против него, се води и предмет во охридското обвинителство поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија.