Фото: Маја јаневска Илиева

Министерката за образование и наука Весна Јаневска оцени дека образованието бележи значителен напредок, кој е препознаен и во Извештајот на Европската комисија за 2026 година. Таа истакна дека пред две и пол години приоритет било запирањето на, како што рече, слободниот пад на образованието, пренесе МИА.

-Пред две и пол години реков дека треба да го запреме слободниот пад на образованието, затоа што тоа беше реална ситуација. Тоа го направивме. Образованието е еден од столбовите на државата и затоа е значаен напредокот што го бележи и Европската комисија – рече Јаневска на панел-дискусијата „Извештајот на Европската комисија за 2026 – напредок и реформи“, што денеска се одржа во Владата.

Во извештајот се нотирани конкретни резултати од спроведувањето на реформите и позитивни развојни трендови во повеќе области на образованието. Меѓу нив се зајакнувањето на регулативата и стратешката рамка, проширувањето на мрежата на регионални центри за стручно образование и обука, зголеменото учество на учениците во стручното образование, соработката со компаниите, развојот на системот за валидација, унапредувањето на инклузивното образование и дигитализацијата на образовниот процес.

Јаневска посочи дека се донесени потребните документи за имплементација на законските решенија, меѓу кои Стратегијата за образование 2026–2032 и Стратегијата и Акцискиот план за паметна специјализација, кои, според неа, се од особено значење за развојот на економијата.

Таа нагласи дека повеќе од 75 проценти од предвидените активности во новиот Акциски план веќе се реализирани.

-Многу е значаен и Законот за образование на возрасни. Изградивме систем за доживотно учење на возрасни кој на земјата ѝ е неопходен и веќе Центарот за образование на возрасни почнува да функционира оптимално. Она што сме го имале како визија, се покажува дека е функционално – истакна министерката.

Над 70 проценти од средношколците се запишуваат во стручно образование

Како значаен резултат, Јаневска го посочи напредокот во средното стручно образование, особено во однос на опфатот на учениците, развојот на регионалните центри и соработката со работодавачите.

Според неа, над 70 проценти од учениците во средното образование се запишуваат во стручно образование, а една третина од нив во дуални паралелки, каде што наставата во училиштата се комбинира со практична обука кај работодавачите.

-Важно е што постојано расте бројот на компаниите што се придружуваат и сега имаме вклучени над 1.000 компании. Функционални се осум регионални центри за стручно образование и овде имаме надополнување на бројката во однос на она што е констатирано во Извештајот – рече Јаневска.

Во делот на инклузивното образование, министерката информираше дека во основното образование има над 1.600 образовни асистенти, а за првпат се ангажирани и околу 200 асистенти за ученици со посебни образовни потреби во средното образование.

Таа додаде дека постојано се зголемува бројот на ромските медијатори, додека напуштањето на училиштето е намалено во споредба со претходните години, благодарение на континуираната работа со учениците и родителите.

Над 700 наставници обучени за употреба на вештачка интелигенција

Јаневска посочи дека се дигитализирани голем број услуги, а училиштата се опремуваат со информатичка и мрежна опрема.

Министерството, како што рече, не ја запоставува ниту вештачката интелигенција. Над 700 наставници веќе поминале обука за нејзина употреба во училиштата, а следниот месец е планирана обука за нова група наставници.

Целта е да се создаде мрежа на обучени наставници кои ќе можат да го шират знаењето и да ја поттикнат примената на вештачката интелигенција во образованието.

Европската комисија забележува напредок и во областа на науката, особено со основањето и ставањето во функција на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, како и со продолжувањето на учеството во европските програми за наука и иновации, меѓу кои и КОСТ.

Министерката нагласи дека во наредниот период е важно да бидат донесени трите закони за високото образование, за научно-истражувачката работа и за квалитетот во високото образование.

Со нив, преку процесот на акредитација, ќе им се овозможи на универзитетите и факултетите да ги приспособат студиските програми за целосно усогласување со европските стандарди.

На панел-дискусијата посветена на Извештајот на Европската комисија за 2026 година учествуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, заменик-министерот за правда Ален Деребан и заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Бен Нупнау.