Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјата нотира позитивни движења во макроекономските показатели, како и напредок во управувањето со јавните финансии, спроведувањето на Законот за буџети и зајакнувањето на системите за финансиска контрола, информираат од Министерството за финансии, пренесе МИА.
Според Министерството, Извештајот посочува дека економскиот раст се забрзал во 2025 година, поттикнат од силните инвестиции и приватната потрошувачка. Особено добри резултати биле забележани во градежништвото и услугите во областа на информациските и комуникациските технологии, делумно како резултат на интензивирањето на јавните работи на патната инфраструктура.
Од ресорното Министерство наведуваат дека приватните инвестиции имале корист и од корпоративните кредити субвенционирани од Владата.
Позитивни движења се забележуваат и кај јавниот долг, кој на крајот на 2025 година бил намален за два процентни поени во однос на претходната година. Во фискалниот дел, Европската комисија констатирала дека буџетскиот дефицит во 2025 година изнесувал четири проценти од бруто-домашниот производ, согласно планираното.
Унапредување на буџетскиот процес и финансиската контрола
Во однос на спроведувањето на Законот за буџети, Министерството посочува дека се донесени повеќе подзаконски акти со кои се создаваат услови за унапредување на буџетскиот процес и управувањето со јавните средства.
Донесена е Фискалната стратегија со среднорочни проекции, а подготвена е и Стратегијата за управување со јавниот долг, со што, според Министерството, се зголемува транспарентноста и предвидливоста и се овозможува поефикасно справување со предизвиците од надворешното економско окружување.
Позитивно се оценети и напорите за воспоставување посистематски пристап кон оценувањето и приоритизацијата на проектите, подобро следење на буџетската распределба и усогласување со стратешките приоритети.
Европската комисија го нотирала и напредокот во воспоставувањето и унапредувањето на системот на јавна внатрешна финансиска контрола. Во оваа област се донесени два подзаконски акта за спроведување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, а воведена е и нова методологија за идентификување, известување и следење на оперативните и стратешките ризици.
Според Извештајот, до крајот на 2025 година, 76 проценти од буџетските корисници на централно ниво имале воспоставено системи за управување со ризици согласно новата методологија.
Од Министерството ја посочуваат и улогата на Централната единица за хармонизација во обезбедувањето методолошки насоки и координацијата на системот за јавна внатрешна финансиска контрола. Реформите во оваа област се опфатени и со Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии за периодот 2025–2028 година.
Исплатени 142,1 милион евра во рамки на Реформската агенда
Министерството за финансии информира дека Европската комисија заклучно со јуни 2026 година исплатила 142,1 милион евра во рамки на Реформската агенда, вклучително и средствата од претфинансирањето.
Средствата се однесуваат на повеќе области, меѓу кои дигиталната трансформација, унапредувањето на финансиската контрола, подоброто управување со претпријатијата во државна сопственост и подобрувањето на квалитетот на образованието.
Од Министерството наведуваат дека продолжуваат со активностите за модернизација на системот на јавни финансии, зајакнување на финансиската контрола и подобрување на управувањето со јавните средства.
Целта, како што посочуваат, е поголема транспарентност, отчетност и ефикасност во користењето на јавните ресур
































