Фото: ЕПА
  • Лажните бомби како ново оружје за дестабилизација на општествата

    Европа се соочува со нова форма на безбедносен притисок, во која заканите со бомби, дури и кога се покажуваат како лажни, прераснуваат во средство за нарушување на институционалното функционирање, создавање паника и поткопување на довербата во системите за безбедност. Најновиот бран закани кон патнички авиони, аеродроми и медиумски редакции отвора сериозни прашања за можната координација, мотивите и пошироката политичко-безбедносна заднина на овие активности.

    Од авиосообраќајот до медиумите, лансирана тактика на предизвикување паника и страв

    Според информациите објавени денеска, биле регистрирани најмалку 18 пријави за експлозивни направи во авиони, додека во Република Ирска биле евакуирани редакциите на „Ајриш индипендент“, „РТЕ“ и „Њузток“. Во Прага, Данска и Франција, исто така, биле регистрирани нови безбедносни аларми. Претходниот ден десетици летови низ Европа беа погодени од слични закани, со принудни слетувања, пренасочувања и ангажирање воени авиони. Она што ја прави ситуацијата особено загрижувачка не е само бројот на инциденти, туку проширувањето на потенцијалните цели. Од авијацијата, како еден од најчувствителните сектори на критичната инфраструктура, заканите се префрлаат кон медиумите – институции кои имаат директна улога во информирањето на јавноста и одржувањето на демократската комуникација.

    Лажна закана, реални безбедносни последици

    Фактот што досегашните проверки не откриле експлозивни направи не смее да создаде впечаток дека станува збор за безопасни инциденти. Во воздухопловството, секоја дојава мора да се третира како потенцијална опасност сè додека надлежните служби не ја отфрлат нејзината веродостојност. Секое пренасочување на авион, евакуација на редакција или активирање на специјализирани полициски и воени единици создава оперативни и финансиски трошоци, го оптоварува безбедносниот систем и предизвикува дополнителен стрес кај граѓаните. Токму тука се наоѓа суштината на можната стратегија: не мора да има вистинска експлозивна направа за да се постигне безбедносен ефект. Доволно е заканата да биде таква што институциите ќе мора да реагираат со максимална претпазливост. Станува збор за модел на асиметрично дејствување, во кој релативно евтини и технички едноставни активности можат да предизвикаат несразмерно големи последици.

    Специјална војна, хибридна операција или серија имитативни импровизации?

    Најчувствителното прашање е кој стои зад заканите и дали станува збор за организирана операција со политичка заднина. Во дел од пораките испратени до аеродромите во Софија и до италијанските воздухопловни институции се споменува името на руската радикална ултрадесничарска група „Машка држава“ (Male State). Станува збор за движење кое во Русија е прогласено за екстремистичко. Сепак, досега нема потврдени докази дека групата навистина стои зад актуелните закани, ниту дека постои оперативна поврзаност со руски државни структури.  Оваа разлика е од суштинско значење. Во услови на засилени геополитички тензии, особено по руската инвазија врз Украина, секоја координирана безбедносна провокација лесно добива геополитичка интерпретација. Европските безбедносни служби со години предупредуваат на ризиците од руски хибридни операции, саботажи, дезинформациски кампањи и активности преку посредници. Но политичката логика не е доказ за конкретно авторство. Реалната проценка мора да ги земе предвид најмалку три сценарија: организирана операција на недржавни актери со политички мотиви, активности на поединци или интернет-групи кои ја злоупотребуваат актуелната безбедносна атмосфера и координирана кампања на посредници со поширока геополитичка цел. Не треба да се исклучи ниту можноста за комбиниран модел, во кој првичната активност на една група предизвикува имитации од други актери, со што се создава впечаток на единствена и поголема операција.

    Медиумите како нова цел на безбедносното заплашување

    Особено значајно е проширувањето на заканите кон медиумските институции во Ирска. Евакуацијата на РТЕ и други редакции има поширока симболичка и политичка димензија. Медиумите се дел од демократската критична инфраструктура. Нивното заплашување не го нарушува само секојдневното работење, туку потенцијално влијае и врз правото на јавноста да биде навремено и независно информирана. Ако заканите кон авиони имаат потенцијал да ја парализираат мобилноста, заканите кон медиумите можат да го погодат информацискиот простор. Од безбедносен аспект, ова е особено опасна комбинација: физичка несигурност, институционално оптоварување и информациска вознемиреност. Дополнителен проблем е можноста преку масовно испраќање анонимни пораки да се тестираат реакциите на полицијата, аеродромите, службите за итни интервенции и медиумските организации. Дури и кога тоа не е примарната цел, ваквите инциденти создаваат драгоцени сознанија за ранливоста на институционалните процедури.

Р.С.

________________________________________________________________________

Што покажуваат претходните случаи и каде треба да се бараат сторителите? 

Во продолжение, потсетување на на претходни бранови неодамнешни закани.

1. Франција, 2023: Масовни лажни дојави кон аеродроми, училишта и музеи. Француското правосудство отвори десетици истраги. Меѓу откриените сторители имало малолетници и лица мотивирани од лични причини и желба за вознемирување.

2. Франција, 2024: Нов бран закани кон училишта преку компромитирани кориснички профили и дигитални платформи. Уапсени биле осомничени лица, вклучително и полнолетно лице. Дел од пораките лажно се повикувале на џихадистичка идеологија.

3. Индија, 2024: Регистрирани биле 999 лажни закани кон авиокомпании и воздухопловни операции во периодот од јануари до 14 ноември. Биле поднесени 256 кривични пријави и извршени 12 апсења. Овој случај покажува колкав оперативен притисок може да создаде масовното злоупотребување на системите за пријавување.

4. Европа, 2024–2025: Повторувани бранови закани кон училишта во повеќе држави, вклучително Словачка, Франција, Бугарија, Австрија, Полска и Унгарија. Се појавија индикации за повторување на слични обрасци, но не и универзално потврдено заедничко „авторство“.

5. Европа, ноември 2026: Актуелните закани кон авиони и медиуми покажуваат поширок географски опфат. Во дел од пораките се споменува таканаречената организација  „Меил Стеит“, но нема потврда дека оваа организација е одговорна.

Кој е заедничкиот именител на сите овие закани и кој би можело да стои зад нив како инспиратор, а кој како организатор или пак извршител?

Според консултирани безбедносни експерти, засега, според нашинот на извршување, од достапните информации во јавноста, како и од досега анализираните вакви слични појави, може да се селектираат четири различни категории-групи од каде е можно генерирањето на вакви безбедносни закани.

· Организирани екстремистички групи. Можни се идеолошки мотиви и обид за промоција на сопствената агенда.

· Поединци и интернет-заедници, што како мотив имаатлична одмазда, провокација, барање внимание или имитирање на претходни напади.

· Криминални мрежи ќиј интерес е предизвикување хаос, уцени и нарушување на економското работење.

· Државни или парадржавни посредници. Ова е во контекст на потенцијална хибридна активност и специјална војна за политички притисок од насилен карактер и тестирање на институционалната отпорност.

Межутоа, клучната аналитичка забелешка на нашите соговорници, безбедносни експерти и професори на факултетот за Безбедност во Скопје, „наведените категории претставуваат можни истражни хипотези, а не утврдени сторители на актуелните закани“. За издвојување за јавноста е дека досега нема јавно потврдена одговорност на конкретна држава или организација.

Европа пред тест на институционалната отпорност

Од политичко-безбедносен аспект, актуелните настани треба да се набљудуваат и во контекст на пошироката ранливост на европските општества. Политичката поларизација, војната во Украина, зголемените тензии меѓу Русија и Западот и растечкото недоверие кон институциите создаваат средина во која ваквите инциденти можат да произведат ефекти далеку поголеми од нивната непосредна материјална димензија. Посебно загрижувачка е можноста за т.н. „нормализација на заканите“. Ако граѓаните постојано се соочуваат со лажни аларми, постои ризик со текот на времето да развијат замор од безбедносните предупредувања. Тоа може да ја намали подготвеноста за сериозно сфаќање на идни закани, вклучително и на оние што би биле реални. Од друга страна, прекумерните безбедносни реакции можат да создадат дополнителен простор за паника и политичка инструментализација.

Што значи ова за Балканот и Македонија?

Според експертите кои ги консултиравме, „оваа појава за Македонија, ова не е далечна безбедносна приказна, туку е веќе познат модел“.

– Нашата земјаа е дел од НАТО, има интензивни транспортни, економски и комуникациски врски со европските држави и претставува дел од поширокиот регионален безбедносен систем. Особено внимание треба да се посвети на заштитата на аеродромите, институциите, медиумите и критичната инфраструктура, но и на капацитетот за брза размена на информации со партнерските служби. Потребен е координиран пристап меѓу МВР, безбедносно-разузнавачките структури, воздухопловните власти и институциите задолжени за сајбер-безбедност. Притоа, важен е и капацитетот за навремено откривање на координирани дезинформациски кампањи. Посебен предизвик е спречувањето на паника без потценување на опасноста. Секој инцидент мора да се проверува професионално, а јавноста да добива прецизни и проверени информации. И досега сме имале слично искуство, на домашен план. Механизмот кај нас е подготвен и е во кондиција да реагира на вакви закани – сметаат безбедносните експерти, но додаваат дека „во современата безбедносна реалност, стравот може да стане оружје и без да биде активирана ниту една експлозивна направа“.

Р.С.