Фото: Твитер

„Историјата е составен дел на преговарачиот процес, таа не е турната под килим, напротив – заедничката историска комисија треба да го исполни со содржина нејзиниот мандат“. Ова меѓудругото во интервју за бугарското радио „Фокус“ го изјави Илхан Ќучук, бугарски европратеник и известувач за земјава во Европскиот парламент.

На прашање зошто Илинденското востание не се одбележа заеднички, како национален празник на двата народа тој вели: „Не ја пречкртавме, бидејќи историјата е составен дел на преговарачиот процес и не се согласувам дека е турната некаде под килим. Токму обратното, историјата како наука, која е конзервативна, треба да биде оставена во рацете на историчарите. Таков мандат ѝ е даден на соодветната историска комисија, и тој мандат треба да биде исполнет со содржина. И таа навистина да работи во духот на науката, во духот на заемното разбирање, да бидат најдени оние допирни точки што биле во минатото и да бидат побарани нови допирни точки кои треба да стапат во иднината. Тоа e неизбежно поврзано со членството на Северна Македонијa во ЕУ. Таму можат да најдат место и Бугарија, и Северна Македонија, и тоа не му противречи на националниот интерес на Бугарија – напротив, го збогатува и го задолжува да биде многу посоодветен кон новите реалности што се случуваат“.

Отсуството на заедничко чествување Ќучук го припишува на нестабилната политичка ситуација.

„Ќе видиме како ќе биде догодина. Но со сигурност, секој заеднички обид да се одбележат такви датуми е задолжителен во нашите односи, ако тие имаат природно разбирање да врват кон иднината, а не кон национализмот, кон градење допoлнителни ѕидови” – рече тој.

Според него, потребна е оценка каде сака да оди македонското општество.

„Сега е дојдено времето да се врати довербата, откако се формализираа односите и тоа праведно, со договор кој треба да ги зацврсти односите меѓу двете земји, со посебен протокол, треба да бидат направени сите напори од бугарска и македонска страна за да проработат механизмите што се запишани, а не да останат лист хартија без да бидат реално исполнети. И да оставиме спокојно, во рамките на легитимниот мандат историската комисија да бара различни формулации, ако е неопходно – и со дејство на други нивни колеги, доколку тоа го помага процесот. Така што, прашањето е каде сака да биде Северна Македонија? Знам дека има луѓе кои сакаат да ја извлечат, и политичари кои имаат визија да ја извлечат на правилниот пат, да ја водат, има и такви кои сакаат да ја влечат во обратна насока. Тоа треба да го реши самата македонска елита“ – вели Ќучук.