Инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) денеска во просториите на Универзитетската клиника за детски болести извршиле вонреден надзор на целокупната документација и земале изјави од сите лекари инволвирани во случајот со починатото 14-месечно бебе.
– Стручната истрага продолжува сѐ до расветлување на случајот, се наведува во соопштението – објавено на веб-страницата на Детската клиника.
Министерот за здравство Арбен Таравари во изјава за медиуми попладнево рече дека утринава имал состанок со директорот на ДСЗИ и дека инспектори вршат инспекциски надзор на Детската клиника и на Клиниката за респираторни заболувања кај деца „Козле“.
Паралелно со вонредниот инспекциски надзор од ДСЗИ, формирана е и комисијата при Министерството за здравство која треба да го расчисти случајот.
Вчера, министерот Таравари во изјава за медиумите рече дека имал информации за одбиена хоспитализација на бебето но, дека детали очекува од Комисијата за стручен надзор. Одговорност, според министерот, мора да има.
– Вратено било, за жал. Дали поради лекарска грешка или незнаење, треба да се констатира. Дефинитивно треба да има одговорност. Меѓутоа не очекувајте од мене уште денес да судам како било. Дозволете компетентните органи да испитаат сѐ во детали. На крајот, некој мора да сноси одговорност кога има вакви трагични случаи. Дојдени биле двајца анестезиолози вечерта кога починало детето, имало обид да се интубира, но, со ниска сатурација и аритмија било проблем – изјави вчера Таравари.
Од опозицискиот Европски фронт денеска побараа оставка од министерот Таравари.
– Ниту министерот Таравари, кој е целосно збунет шетајќи низ населбите и градовите во обид да му ги украде партиските печати на АА на неговиот поранешен претседател Зијадин Села, не чувствува никаква морална одговорност и морална мотивација да се однесува како човек во ваква ситуација. Напротив, тој има тенденција да ја релативизира целата оваа ситуација, што во нормална држава ќе резултираше не само со негова оставка и оставка на неспособниот директор Мемеди. Апелираме до вас Арбен да си одите – рече пратеничката Дијана Тоска.