Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал по речиси три часа во Советот на јавни обвинители, рече дека освен премиерот Зоран Заев, кој го пријавил случајот, нема други спомнати политичари во записникот од сведочењето на Орце Камчев за истрагата во случајот „Рекет“.

– Заев е спомнат само во тој дел од сведочењето кај Јордан Камчев, каде што вели дека пријавил кај него – рече Русковска.

Оцени дека она што било објавено во некои од медиумите, а поврзано со записникот на Орце Камчев, е дезинформација.

Обвинителката рече дека на членовите на Советот им презентирала некои од доказите, искази на сведоци и записникот од Орце Камчев.

На прашање кога ќе биде повикан првоосомничениот Бојан Јовановски на распит, Русковска рече: „Кога ќе оценам дека треба да го повикам“.

Таа нагласи дека интензивно се работи финансиската истрага за предметот. За торбата Луј Витон со парите, рече: „Нешто знаеме, а за нешто работиме“.

Таа воедно потврди дека, на негово барање, утрово кај неа по вторпат сведочел поранешниот главен извршен директор на „Т-мобиле“, Жарко Луковски.

– Дојде уште еднаш за да даде дополнителни сознанија – рече шефицата на обвинителството.