Фото: Пиксабеј

Со огнено оружје денеска е пукано кон автомобилот на градоначалникот на општина Арачиново, Ридван Ибраими, при што во возилото се наоѓале неговиот возач и вработен во општината.

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски за МИА потврди дека во престрелката е погоден возачот на градоначалникот, а пукано е и кон уште едно лице вработено во општината. Припадници на полицијата се на терен и вршат увид.

Повредениот е донесен во Ургентниот центар во Скопје.

Директорот на скопската Клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“, Љубен Арсенков за МИА попладнево изјави дека кај нив е донесен пациент на 39-годишна возраст со прострелна рана.

– Се работи за машко лице, вон животна опасност сега, сместено е во Единица за интензивно лекување. Лицето беше донесено пред околу еден час. Има прострелна рана во пределот на десното рамо – појасни Арсенков за МИА.