ПРИПАДНИК НА КРИМИНАЛНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА „КАМОРА“ ЛИШЕН ОД СЛОБОДА ЗАТОА ШТО НЕ МОЖЕЛ ДА ЈА СКРИЕ НАВИВАЧКАТА СТРАСТ
Страста за фудбалот и за Наполи го откри скривалиштето на долгогодишниот криминален бегалец од Италија – тој е забележан како ја прославува историската победа на својот клуб во Грција, соопшти италијанската полиција.
Карабинерите од Неапол забележале човек што се наоѓа на листата на 100 најопасни бегалци во Италија, на фотографија од навивачи во ресторан на Крф што ја прославуваат титулата на Наполи во италијанското првенство на крајот од минатата фудбалска сезона.
Грчката полиција потоа отишла на Крф да го следи бегалецот, 60-годишниот Винченцо Ла Порта, кој бил во бегство дури 11 години.
Полицајците го блокирале додека се возел со мопед на улица во Крф. Грчката полиција соопшти дека Ла Порта бил уапсен во петокот.
Тој се смета за близок до мафијашката организација „Камора“ во Неапол и е осуден во отсуство за криминален заговор, даночно затајување и проневера, соопшти полицијата.
Според сопственикот на ресторанот на Крф, Ла Порта изминатиов месец работел таму како помошник-готвач.
Полицијата на Крф соопшти дека тој веднаш е изведен пред обвинител и дека му е одредена мерка притвор додека повисокиот суд не одлучи по барањето за негова екстрадиција во Италија, каде што му се заканува казна затвор од 14 години и четири месеци.
Полицијата соопшти дека ја следела неговата онлајн активност, вклучувајќи ги и финансиските активности, и чекала тој да направи потег што ќе открие каде се наоѓа.
„Него го предаде страста за фудбалот и за Наполи. По победата на тој клуб во шампионатот, Ла Порта не одолеа да слави“, пишува во соопштението на полицијата. Притоа се додава дека инспекторите го виделе на фотографија од навивачи што слават во ресторан, каде што држел шал во боите на својот омилен клуб. Ц.Х.