Фото: Игор Бансколиев

Откако Русија се повлече од договорот потпишан во Истанбул, во јули 2022 година, со Украина, Турција и со ОН (Договор за создавање безбеден коридор низ Црно Море за извоз од три украински пристаништа) се очекуваше повеќе жито да помине транзитно низ Полска на пат кон глобалните пазари. Но локалните полски фармери сега се жалат дека дел од украинското жито протекува/останува на полскиот пазар, намалувајќи ги цените на нивните производи и проблемот ескалира

Зошто извозот на жито од Украина преку Полска создаде големо незадоволство кај полските земјоделци

На 17 јули, Русија се повлече од договорот потпишан во Истанбул, во јули 2022 година, со Украина, Турција и со ОН за создавање безбеден коридор низ Црно Море за извоз од три украински пристаништа од почетокот на војната во февруари истата година. Како резултат на ваквата одлука на руската влада се очекуваше повеќе жито да помине низ Полска на пат кон глобалните пазари затоа што договорот во најголема мера се однесуваше токму на слободен извоз на жито.
Но локалните полски фармери сега се жалат дека дел од украинското жито протекува на полскиот пазар, намалувајќи ги цените на нивните производи.
Со оглед на тоа што парламентарните избори се очекуваат во октомври, владејачката партија Право и правда (ПиС) е фатена помеѓу смирувањето на домашните земјоделци, клучен извор на поддршка, и одржувањето добри односи со Украина.
– Постојат такви области што за нас се области на спор, или би рекол дури и конфликт, како што се случува во односите меѓу две суверени држави. Ова важи за житото и пошироко за земјоделските производи – изјави државниот секретар во претседателскиот кабинет, Војчех Коларски, за полското радио во вторникот.
Сепак, Коларски додаде дека Украина „ги брани својата слобода и својот суверенитет“.
– Прашањето на житото е доказ дека таа е слободна и суверена земја, која исто така води своја сопствена политика, различна од онаа на Полска – се обиде министерот да им ја објасни на своите сонародници новонастанатата ситуација.
Полска има намера да ја задржи забраната за увоз на жито од Украина во сила по 15 септември, изјави неодамна премиерот Матеуш Моравјецки. Полската влада ќе бара ембаргото за транспорт на украинско жито да се продолжи барем до крајот на годината.
Денис Шмихал, шефот на украинската влада, во саботата рече дека објавата на полската влада е „непријателска и популистичка“.
Истиот ден, заменик-премиерката и министерка за економија на Украина, Јулија Свириденко, на социјалната мрежа Х, порано Твитер, објави дека „блокирањето на украинското жито на границата со ЕУ е неприфатливо“.
Во меѓувреме, Романија и Хрватска ги засилиле напорите за да помогнат во транспортот на житото, но полската маршрута е клучна.

Варшава се заканува дека ќе ја затвори сопствената граница по вторпат доколку Брисел не ги продолжи привремените ограничувања

А дека проблемот не е од сега зборува и анализата на „Политико“, во која се наведува дека солидарноста на Варшава со Киев речиси нема граници, но сè се сведува само на пари. Повеќе од една година откако Европската Унија (ЕУ) воспостави копнени „солидарни патеки“ за да помогне во извлекувањето милиони тони заглавени земјоделски производи од Украина, Варшава се заканува дека ќе ја затвори сопствената граница по вторпат доколку Брисел не ги продолжи привремените ограничувања и најде готовина за да се осигури дека ништо нема да заглави во Полска. Едностраниот потег би ги прекршил заедничките трговски правила на ЕУ, но Варшава тврди дека е неопходно затоа што украинските производи, кои сега се повторно блокирани од Русија од нивната традиционална црноморска извозна маршрута, им штетат на интересите на полските земјоделци.
Во анализата натаму се наведува дека од почетокот на војната во Украина и блокадата на нејзините црноморски пристаништа лани, источните земји на ЕУ, како Полска, Романија и во помала мера Бугарија, Унгарија и Словачка, се најдоа преплавени со невидени количества украинско жито. Причините беа изненадувачки едноставни: и покрај војната, тргувањето со жито сè уште е активно од пазарот и, како и со секоја стока, поевтините производи наоѓаат купувачи. Украинското жито е висококвалитетно и евтино, но само ако се транспортира по море или на релативно кратки растојанија во внатрешноста. Кога станува збор за влез на жито во Полска, поголемиот дел од него стигнувал само до источниот регион што се граничи со Украина.
Полскиот министер за земјоделство Роберт Телус по состанокот на министрите за земјоделство на ЕУ минатиот вторник во Брисел, пред новинарите даде изјава во која ги обвини мултинационалните трговци дека го носат украинското жито преку граница и им го продаваат на локални посредници, како што се мелниците и производителите на добиточна храна. Полските земјоделци, пак, забележаа намалување на побарувачката за нивните сопствени производи.
– Интересите на нашите земјоделци се најважни за нас. Нашите одлуки не се против никого; тие се пред сѐ за нашите земјоделци – рече полскиот министер за земјоделство.

Володимир Зеленски: Секое продолжување на ограничувањата е апсолутно неприфатливо и целосно неевропско

Меѓутоа сојузниците што ја поддржуваат Полска и четирите други земји се ретки. Полскиот комесар за земјоделство во ЕУ, Јануш Војчеховски, рече дека привремената забрана била апсолутно неопходна бидејќи овие земји нема да го издржат притисокот.
Другите ги гледаат работите поинаку. Највисоките украински официјални лица ги критикуваа ограничувањата, при што претседателот на Украина, Володимир Зеленски, рече дека секое продолжување на ограничувањата е „апсолутно неприфатливо и целосно неевропско“. Според договорот за жито со посредство на ООН, Украина извезла 33 милиони метрички тони жито на светските пазари во текот на минатата година.
Многу земји од ЕУ, вклучувајќи ги и Франција, Германија и Шпанија, го поддржуваат ставот на Украина. Иако важноста за испораката на украинското жито изврши притисок врз некои европски земјоделци, тие велат дека трговските ограничувања го поткопуваат интегритетот на внатрешниот пазар на блокот и неговите напори да ја поддржи Украина. Сегашните ограничувања треба да истечат на 15 септември, еден месец пред Полска да излезе на избори за да избере нова влада. Бидејќи земјоделците се клучна изборна единица, актуелната десничарска влада е категорична дека нема да дозволи увоз на украинско жито на нејзина територија, анализира „Политико“.

Брисел не зазеде став

Медиумите што ја анализираат состојбата додаваат дека Брисел не зазеде став за полската закана, наместо тоа, избра да ги олесни преговорите зад затворени врати меѓу петте земји на ЕУ и Украина. Со раздвижувањето во Европската комисија, Литванија предложи да се префрли украинскиот извоз на жито преку Полска до нејзиното балтичко пристаниште Клајпеда и четири други пристаништа во Естонија и во Летонија. Но секој дополнителен километар ги зголемува трошоците за транспорт, што ги прави украинските производи помалку конкурентни на глобалниот пазар. Потоа, тука се и логистичките трошоци за проширување на железничкиот и капацитетот за складирање, но никој, а најмалку Варшава, не сака да плати сметка што може да достигне стотици милиони евра. Министерот Телус рече дека доколку Брисел или другите земји од ЕУ сакаат да субвенционираат транспорт на жито преку Полска, тие се добредојдени да го сторат тоа.
Големото прашање што се наѕира над Телус дома е кој всушност увезува украинско жито во Полска, со тоа што постојат гласини дека високи полски владини функционери ги охрабруваат компаниите да ги искористат пониските цени и да ги донесат стоките во земјата. Откако ја презеде функцијата во април, Телус рече дека ќе објави список на компании што се занимавале со тоа.