Со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството денеска во Основниот кривичен суд – Скопје продолжува судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се товари за нелегалната набавка на софтвер.
На денешното рочиште, прв беше сослушан сведокот Иван Чорбев, професор на ФИНКИ, кој додека бил декан на факултетот потпишал меморандум за соработка со фирми кои го контактирале професорот Ивица Димитровски од ФИНКИ, за соработка за софтвер за процесирање слики и видео.
За ова, Чорбев рече дека тогаш бил само „делумно, површно запознат“, а подетално се запознал откако во медиумите се пишувало за случајот.
– Не се интересирав многу зошто не е ништо невообичаено Факултетот да соработува со бизнисот. Постигнат е договор и известен сум за потпис, изјави Чорбев.
Тој посочи дека има потпишано над 400 меморандуми, кои сите не можел и не ги проверувал детално.
– Површно ги проверував од причина што верувам дека штом стигнале на биро значи ги поминале правните филтри и по површно читање од аспект дали има некои обврски и пенали за факултетот, без посебен интерес за фирмите сум ги потпишувал – изјави Чорбев.
Одбраната на обвинетиот Рашковски, постави вкрстени прашања до сведокот за експертизата на професорот кој го вршел едно од вештачењата и функционалноста на софтверот, но тие не беа дозволени.
Сведокот Кирил Самарџиоски, вработен како информатичар во Генерален секретаријат на Владата и член на Комисијата за евалуација на набавката на софтверот за определување на просечна брзина на возилата, рече дека тие ги оценувале само техничките аспекти од понудата.
– Во самата спецификација немаше техничка табела и од тој аспект немаше некој технички момент за евалуација. Имаше, како што се сеќавам, само една реченица дека ќе биде ставен во функција – изјави сведокот.
Сведокот посочи дека тој не учествувал во евалуација на софтверот за биометриска идентификација на лица.
Прашан дали имало обука во секторот каде што работи за имплементација на софтверот за мерење просечна брзина и биометриска идентификација, сведокот рече дека не се сеќава да имало такво нешто.
На прашање од одбраната дали техничките спецификации од понудата фаворизирале некои технички оператори, Самарџиоски рече дека „тој нема такви насоки за таква анализа“, и неговата „улога била само техничка анализа на понудата”.
На прашање од Драги Рашковски, дали од него лично добил некакви напатствија или закани како да постапува при евалуацијата на понудата за софтверот, сведокот рече „не, немало такво нешто“.
На прашање од Рашковски дали секторот каде работел сведокот го подигнал серверот за софтверот од Неоком, сведокот рече дека „не знае“, посочувајќи дека „не може да знам дали има или нема нешто“.
Прашан од Рашковски дали од неговиот сектор биле дадени пасворди и лозинки за пристап до софтверот, сведокот рече дека „не е запознаен со тоа“ и дека тој немал такви „конкретни насоки“.
На прашање од одбраната дали користел мерки за отсуство поради коронавирусот во периодот кога бил имплементиран софтверот, сведокот рече дека „од март до октомври 2020 година користел мерки“, период во кој не може да знае ништо поврзано со софтверот.
Судскиот процес го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.
Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „ Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од КЗ.