Фото: Фејсбук

Богата програма со театарски претстави, ликовни изложби и коцерти е најавена за традиционалната културна манифестација „Кавадаречка културна есен 2022“ во организација на домот на културата „Иван Мазов Климе“ која годинава ќе се реализира под мотото „Култура е… дојдете во нашата куќа на уметноста да го почуствувате и дожвивеете тоа што ќе го видите“.

Свеченото отворање на манифестацијата ќе се случи утревечер во 19 часот со отворање на изложбата на фотографии насловена како „Уметниците и Пресвета Богородица“.

Всушност изложбата се реализира на иницијатива на здружението на „Власи Мегленија“, односно претседателот Венци Николов и таа се состои од реплики на фотографии на најстарите икони од црквата во село Ума чии што оригинали се наоѓаат во галеријата во
црквата Св. Никола во Штип. Во 1973 година кога тогашниот митрополит злетовско струмички Наум оди во долновардарскиот регион ги собира сите значајни и вредни икони со цел да ги заштити во галерија во Штип. Освен фотографии од овие вредни икони изложбата содржи и фотографии од секојдневниот живот, облековната структура и старата архитектура на селото Ума каде што живее етничката група Мегленски Власи.

На денот на отворањето на манифестацијата започнува и третиот по ред меѓународен фолклорен фестивал „Кавадаречки фолклорни средби“. Во пресрет на првата фестивалска вечер дефилето со сите учесници на фестивалот ќе започне од 18 часот во кое ќе земат учество. ФА „Тиквеш“ од Кавадарци, ФА „Бучим “ од радовиш, КУД „Живинице“ од Босна и Херцеговина и КУД „Дуга“ од Беране Подгорица од Црна Гора. Во рамки на фестивалот ќе се одржи работилница за ткаење во домот на културата, в сабота од 11 часот.

Од програмата на кавадаречката културна есен ви ја најавуваме ликовната изложба
на Димитар Димитров од Битола предвидена за 21 октомври, потоа премиерата на претставата за деца „Покондирена тиква“ на 28 октомври, а за почетокот на Ноември се
предвидени изложбите од ликовната колонија Неа Скиони – Грција, изложбата на Марина Убавкова од Кавадарци и изложбата на акварели од ликовниот уметник Ванчо Кеков. Од 10 до 17 ноември е предвидена неделата на театарот и одбележувањето на 25 години театарска дејност на актерот Диме Коцевски со гостување на претставите : „Име“ од Гевгелија, и „Пациенти“ на театарот „Провокација“. На 17 ноември за љубителите на филмот ќе следи проекција на најновиот филм на Милчо Манчевски „Кајмак“ а на 23 ноември концерт на камерниот оркестар од Битола. Манифестацијата е предвидено да заврши со годишниот концерт на ФА „Тиквеш“ кој работи во рамките на домот на културата „Иван Мазов Климе“. Ми.М.