Фото: МНР на Бугарија

Бугарското Министерство за надворешни работи најави дека ќе достави протестна нота до властите во Македонија, поради физичкиот напад врз едно лице вчера во Охрид, за кое, како што се наведува во соопштението на Министерството, бил граѓанин на Македонија со бугарска самосвест и е секретар на организацијата „Цар Борис Трети“ во градот.

Во соопштението на бугарското МНР се наведува дека ќе го повикаат амбасадорот на Македонија во Софија, за да му врачат протестна нота во врска со физичкиот напад, извршен вчера, во која на лицето му се нанесени тешки телесни повреди и тој е хоспитализиран.

Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, се додава во соопштението, имал телефонски разговор со неговиот колега од Македонија, Бујар Османи, кој дал уверување дека ќе бидат преземени неопходните активности од страна на локалните власти. Во соопштението се додава и дека бугарскиот в.д. конзул во Битола и тим на бугарската Амбасада во Скопје се во контакт со повредениот и се испратени во Охрид.

– Со месеци бугарската држава упорно ги потенцира очекувањата од властите во Северна Македонија да преземат итни и ефективни мерки против сериозната ескалација на инциденти и криминални дела поттикнати од омраза кон Бугарите во земјата. Бугарската страна се уште не добила официјална информација за истрагата и постапките на правосудните органи во врска со полесните напади, вклучувајќи и отворање оган од огнено оружје кон објектот во кој се сместена организацијата „Цар Борис Трети“ од крајот на 2022 година. За жал, нападот од 19 јануари 2023 година е уште еден пример за тешките последици од системското отсуство на адекватна реакција и ангажираност од страна на Северна Македонија, како и од неможноста да ја исполни својата основна задача – да ја гарантира безбедноста на сопствените граѓани – смета бугарското МНР.

Бугарија, се додава во соопштението, очекува од надлежните власти во Македонија да преземат итни дејствија за откривање и казнување на одговорните за извршеното дело.

– Плурализмот, недискриминацијата, толерантноста и еднаквноста меѓу луѓето се универзални принципи, кои се поврзани со европските демократски општества. Очекуваме од земја, која се декларира дека има желба да стане дел од ЕУ, која, пак се заснова на слобода, демократија и правна држава, да вложува континурани и реални напори за исполнување на своите заложби, поврзани со заштита и гарантирање на човековите права. За жал, изминативе месеци, стануваме сведоци на токму спротивни трендови во Северна Македонија. Постоењето на проблеми со правата на Бугарите во Северна Македонија не може да продолжи да биде одрекувано од страна на локалните власти и од меѓународните партнери. Очигледно тоа води само до нивното продлабочување и не е во согласност со членството во ЕУ – се вели во соопштението на бугарското МНР.

Најголемиот квалитет на оваа држава, кој макотрпно го изградивме е мултиетничката функционална демократија, меѓуетничкиот соживот, толеранцијата, мирот и почитувањето на вредностите на другиот и нема да дозволиме никој поради политички или други побуди да го загрози тоа што го постигнавме, изјави денеска министерот за надворешни работи во коментар на вчерашниот напад врз секретарот на Бугарскиот културен клуб во Охрид.

– Сакам да ја искористам оваа можност остро да го осудам овој напад и да побарам институциите да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои што извршиле физички напад поради етнички, културен или било кои идентитет на граѓанин на Република Северна Македонија – нагласи Османи, додавајќи дека во оваа држава никој не смее да биде нападнат заради погледи, мислења, ставови, чувства или идентитет.

Османи нагласи дека за ова прашање утрово телефонски разговарал и со неговиот бугарски колега, додавајќи дека напаѓачите се веќе идентификувани и се работи на нивно изведување пред лицето на правдата.

– Мора храбро сите да кренеме глас, да реагираме и посебно институциите да преземат мерки, никогаш повторно да не се случи тоа – изјави Османи, додавајќи дека нема никакво оправдување за физичко насилство.

Запрашан дали се планира бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски да биде прогласен за персона нон грата во земјава, Османи изјави дека МНР размислувало за тоа прашање, но се поставила дилемата дали со таквата постапка нема да се влезе во неговата приказна, да му се даде можност за промовирање и да се игра неговата игра.

– Мислам дека целта на господинот, колку што е да провоцира, е и да се промовира, да предизвика реакција кај нас и таа реакција да ја искористи во својата политичка промоција. Тој е маргинален лик – изјави Османи.

Тој нагласи дека партијата на Џамбаски на последните избори во Бугарија не влезе ни во Парламентот и на нив по секоја цена им треба внимание, а бидејќи не можат да го провлечат во нивната земја, се обидуваат тоа да го направат со провокации кај нас.

– Не сакаме да им дадеме премногу тежина на такви маргинални провокатори. Ако тоа беше изјава на министер, на пратеник во бугарското Собрание, тоа ќе имаше други импликации. Меѓутоа ние сега да правиме приказни од провокатори, кои не ги сака ни нивното општество… Извинете, но не сакам да ја играм нивната игра – додаде Османи.