Шестмина од обвинетите лица и фирми нема да бидат дел од судската постапка за случајот „Синџир“ бидејќи веќе ги признале делата и изречени им се осудителни пресуди, по претходна спогодба, објави основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) преку писмено соопштение, пред почетокот на судскиот процес закажан за денеска во Основниот кривичен суд во Скопје.
На шестмината обвинети изречени им се условни казни, а во државниот буџет вратени се речиси милион евра, во рамки на постигнатите спогодби кои биле прифатени од судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, соопшти обвинителството.
Согласно одредбите од Кривичниот законик во врска со овој предмет, на три правни лица за сторено продолжено кривично дело „даночно затајување“, судот им изрече парични казни од по 500.000 денари, на едно правно лице за истото дело му е изречена парична казна од 1.000.000 денари и на две правни лица кои освен „даночно затајување“ сториле и кривично дело „перење пари“ им се изречени казни од 1.000.000 односно 400.000 денари.
Во истрагата за случајот „Синџир“ опфатени се 26 физички и 28 правни лица кои се сомничат за злосторничко здружување, даночно затајување и за перење пари, со што го оштетиле државниот буџет за околу осум милиони евра.