Исказите на сведоците Дарио Трифунов и Александра Пепеларовска, дадени во истражната постапка, денеска беа прочитани во судницата во Идризово, во рамки на судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Судот ја донесе оваа одлука откако беше утврдено дека двајцата сведоци не се достапни на органите на прогонот. Според Обвинителството, Трифунов се наоѓа во странство и нема начин да се воспостави контакт со него, додека за Пепеларовска МВР известило дека исто така е недостапна, пренесе МИА.
Одбраната се спротивстави на ваквата одлука, нагласувајќи дека станува збор за клучни сведоци, особено во делот за утврдување кој ја внел пиротехниката во дискотеката. Според нив, нивното директно сведочење би можело значително да влијае врз текот на постапката.
Во својот исказ, Трифунов го опишува текот на настаните за време на пожарот – од неговото избувнување, преку евакуацијата, до обидите да ги пронајде пријателите и нивното пренесување во болница.
Пепеларовска, пак, сведочи за внатрешноста на објектот и наведува дека забележала непознато машко лице како поставува прскалки на бината непосредно пред избувнувањето на пожарот. Таа го опишува и моментот на паника, обидите за гаснење, како и интервенцијата на обезбедувањето при евакуацијата.
Одбраната дополнително реагираше дека дел од потенцијално важни докази, како фотографии и видеа од кобната вечер, не биле доставени од страна на Обвинителството, иако, според нив, токму Трифунов бил задолжен за нивно зачувување.
Судењето продолжува со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, а во претходната фаза беа презентирани обдукциски наоди и медицинска документација за жртвите и повредените.
Пожарот во дискотеката „Пулс“, кој избувна на 16 март 2025 година за време на концерт, однесе 63 животи и повреди над 200 лица, оставајќи длабоки последици и отворајќи бројни прашања за одговорноста.



































