Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот Димовски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, оддаде почит на Гоце Делчев, нагласувајќи дека Владата ќе продолжи да ги негува неговите идеали и да го зачува неговото дело како трајна вредност за идните генерации.
– Од името на Владата оддадовме вечен помен на великанот, македонскиот јунак Гоце Делчев. Сакаме да покажеме дека ќе сториме сè неговите идеали и борбата за самостојна Македонија да останат вечни – изјави Мицкоски.
Тој потенцираше дека делото на Делчев не се однесува само на македонскиот народ, туку и на сите граѓани што живеат во државата.
– Да се сеќаваме на неговиот лик и дело и да го пренесеме на генерациите што доаѓаат, бидејќи тоа е наша обврска – рече премиерот.
Мицкоски во обраќањето упати и порака дека вредностите за кои се залагал Делчев не се целосно почитувани и денес.
– За жал, вредностите во кои верувал нашиот великан, некои земји членки на Европската унија сè уште не ги почитуваат и не ги спроведуваат – истакна тој.
Според премиерот, Гоце Делчев бил личност пред своето време и оставил длабока трага во македонската историја и идентитет.
– Тој остави неизбришлива трага во македонската историја и идентитет – нагласи Мицкоски.
На крајот, премиерот порача дека чествувањето на Делчев треба да продолжи и во иднина.
– Нека му е вечен поменот и секоја година на овој ден идните влади да продолжат да го одбележуваат неговиот лик и дело – рече Мицкоски.


