Фото: МИА

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во гостувањето во „Студио 10“ на ТВ 24 зборуваше за формирањето на оперативен тим што бара решенија за случаите со дојави на бомби, кои опфатија околу 120 објекти низ Македонија во текот на изминатите неколку месеци.

– Интензивно се работи на откривање на сторителите. Неколку случаи беа разрешени. Сега имаме една изолирана група и се работи на случајот. Во последните денови мејловите се испратени од адреси во Иран и Русија, а уплатите на ВПН-услугите се со криптовалути што го отежнува пронаоѓањето. Ова е еден интензивен хибриден напад што се случува низ целата територија на земјата, при што беа зафатени околу 120 објекти, не само училиштата. Направивме оперативен тим од различни институции кои учествуваат со свои експерти и бараме соодветни решенија за да најдеме поинаков пристап кон електронските закани – истакна Спасовски.

Тој посочи дека новото упатство според кое училиштата функционираат од петокот, овозможува проценка на ризик, па оттука ќе се преземаат мерки без да се нарушува образовниот процес во училиштата.

Министерот додава дека при нападите од надвор делумно станува збор за алгоритам, додека дојавите од Македонија главно се од малолетници, но оти за нив засега нема да се споделуваат информации со јавноста.