Фото: Макфакс / Архива

Христијан Пендиков застана пред македонски новинари, но адвокатот Стефан Карамишевски не му дозволи да одговара на прашања кои не се поврзани со здравствената состојба. Пендиков одново се пожали оти имал повреди. Наспроти претходните тврдења дека се плаши да се врати во Македонија, сега порача: „Не се плашам“. Кога новинарите го прашаа дали беше непходно од неговиот случај да се прави политика – тој се насмевна и одби да одговори, пренесува „Макфакс“.

-Сега сум подобар, имам се уште прегледи кои ми следуваат, имам два пукнати пршлени. Се надевам дека ќе можам да патувам на 12 јули – кажа Пендиков.

Се пожали оти му се закануваат, но не кажа дали ова го пријавил во полиција како што направи со претходниот случај.

-Лично да се плашам, не се плашам. Ама не е убаво чувството да добивате по 20-30 смртни закани со пцуење, на Фејсбук, месенџер, да се читаш во коментари – додаде тој.

Судењето се одложи. Претходно, нов доказ предложен од охридското Обвинителство против обвинетиот Илија Спасевски беше доставен до судот, во случајот со натепување на Христијан Пендиков. Беше побарано одлагање на рочиштето за да се проучи овој доказ, но судијата Бојан Мартиноски не дозволи. Поради ова, адвокатите на обвинетиот ја напуштија салата, а судењето без нив не можеше да продолжи.