Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето против Стојанче Јовановски кој се товари за три кривични дела: телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство, при што обвинителката Адела Бојчевиќ презентираше повеќе материјални докази, меѓу кои и видеоснимки поврзани со случајот на семејно насилство.
Првата видеоснимка, презентирана пред судот, потекнува од 10 февруари годинава и е направена од мобилниот телефон на обвинетиот Стојанче Јовановски, непосредно откако Ивана Јовановска го пријавила за семејно насилство на бројот 112.
На снимката се гледа Ивана како стои во ходникот пред вратата од нивниот стан, видно вознемирена и во солзи, со прекрстени раце како да се брани. Таа му се обраќа на Јовановски молејќи го да престане со насилството, изговарајќи: „Не ме удирај веќе“, додека се држи за главата.
Јовановски, кој цело време ја снима, ѝ одговара: „Добро, не те удирам“, но во текот на видеото се смее и ја исмева.
Ивана во повеќе наврати го прашува: „Зошто ме удри?“, држејќи се за пределот под пазувата, посочувајќи на болка. Во меѓувреме, обвинетиот се обидува да ја оттурне од вратата, продолжувајќи со потсмев и имитирање на нејзините зборови.
Во еден момент Ивана му се обраќа: „Дрогата ти го исуши паметот, се утепа од дрогирање, со дрога во гепек те фатија, глумиш дека не е твоја зашто не ти се оди во затвор“.
На тоа, Стојанче ја обвинува сопругата дека заедно со Мартин Саздов му ја подметнале дрогата во неговиот автомобил. Ја навредува со погрдни зборови.
Обвинителството презентираше и две видеоснимки од моментот кога Стојанче Јовановски заедно со Мартин Саздов и Ивана Јовановска пристигнуваат кај Кривичниот суд со возилото на Саздов на критичниот ден околу 11.30 часот, што е два часа пред самоубиството. Се гледа како обвинетиот Јовановски гестикулира со рацете, вика и ѝ објаснува нешто и ја удира Ивана со шлаканица. Камерата што го снимила инцидентот е од катната гаража „Судска палата“, а присутен на настанот е и Мартин Саздов. Ивана се јавува да повика полиција. Полицајците пристигнуваат и разговараат со Мартин, Ивана и со Стојанче. По разговорот, потпишуваат некакви документи. Потоа сите тројца влегуваат во возилото и заминуваат.
Дополнително, беа изнесени и наоди од вештачење изработени од психолог и психијатар, во кои се посочува постоење на директна поврзаност меѓу долготрајното семејно насилство и психичката состојба на починатата.
Во текот на рочиштето беа приложени и други докази, меѓу кои податоци од мобилен телефон, медицинска и социјална документација, како и извештаи од извршени претреси.



































