Лидерот на победничката партија „Тиса“, Петер Маѓар, побара од унгарскиот претседател Тамаш Шуљок да поднесе оставка по формирањето на новата влада, повикувајќи се на „волјата на народот“, пренесе МИА.
Во изјава пред средбата во претседателската резиденција, Маѓар остро го критикуваше шефот на државата, оценувајќи дека тој не е способен да ја извршува функцијата.
– Претседателот Шуљок не може да го претставува единството на нацијата, ниту да биде гарант на владеењето на правото и морален авторитет“, изјави Маѓар, додавајќи дека истата порака лично ќе му ја пренесе.
Шуљок беше избран за претседател од парламентот во февруари 2024 година.
Маѓар најави дека, доколку претседателот не поднесе оставка, неговата партија ќе иницира уставни измени.
Од кабинетот на претседателот соопштија дека Шуљок ќе ги разгледа аргументите.
По средбата, Маѓар потврди дека претседателот ќе му го довери мандатот за состав на новата влада.
Се очекува конститутивната седница на парламентот да се одржи на почетокот на мај, додека изборот и инаугурацијата на новата влада се планирани во текот на истиот месец.
































