Во текот на изминатото деноноќие, полициски службеници лишиле од слобода 14 возачи на различни локации низ државата, а со еден малолетник бил извршен службен разговор, поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, 12 од лицата лишени од слобода управувале возило без положен возачки испит. Меѓу нив се лица на возраст од 21 до 49 години, како и 17-годишник од скопското село Студеничани и 14-годишник од селото Дебреште, општина Долнени.
Полицијата извршила службен разговор и со 16-годишник од тетовскиот регион, кој управувал патничко возило без возачка дозвола. Разговорот бил спроведен во присуство на негов родител.
Дополнително, полициските службеници констатирале дека А.П. (23) од Скопје и С.М. (28) од Делчево управувале возила и покрај активната забрана за управување. Б.М. (32) од скопското село Мршевци, пак, управувал возило под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Министерството апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без положен возачки испит, со изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел заеднички да придонесат за поголема безбедност на патиштата.

































