По десет години од проектирањето, денеска официјално почна изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, дел од Коридорот 8, која треба да ги поврзе автопатот Кичево – Охрид со трасата Тетово – Гостивар – Букојчани, пренесе МИА.
Делницата ќе биде долга 11,5 километри, а изградбата треба да заврши во рок од четири години. Автопатот ќе има две сообраќајни ленти и една лента за застанување во секоја насока, со проектирана брзина од 110 до 130 километри на час. На трасата се предвидени пет мостови, еден тунел, два вијадукти и две клучки.
За проектот се обезбедени средства од Европската банка за обнова и развој, во износ од 119 милиони евра, грант од 20 милиони евра од Европската Унија и дополнителни 300 илјади евра преку Фондот на Европската Унија за Западен Балкан.
На свеченоста по повод почетокот на изградбата, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со оваа делница се заокружува важен дел од автопатското поврзување на Скопје и Охрид. Тој посочи дека развојната визија на Владата е Македонија да стане регионална крстосница на двата паневропски коридора – Коридорот 8 и Коридорот 10, преку инвестиции во патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура.
Според Мицкоски, реализацијата на овие проекти треба да придонесе за развој на современи индустрии и за поголема економска корист за граѓаните.
Тој оцени дека по 27 до 28 месеци работа на Владата се појавуваат првите показатели за реализација на проекти и консолидација на државата, во услови на, како што рече, голема глобална енергетска криза.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека станува збор за исклучително важна делница, која ќе овозможи подобро автопатско поврзување на западниот дел од државата и ќе придонесе за заокружување на Коридорот 8.
Тој нагласи дека изградбата се одвива на планински и технички сложен терен, но изрази уверување дека изведувачите и надзорот ќе ја завршат работата во предвидениот рок.
Николоски посочи дека географската положба на Македонија претставува значаен потенцијал за регионално поврзување, кој треба да се искористи преку инвестиции во патната и железничката инфраструктура.
Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, информираше дека на подготовката на проектот интензивно се работело две и пол години. Тој најави дека следната година се очекува пуштање во употреба на автопатот Кичево – Охрид, додека продолжуваат работите и на делницата Тетово – Гостивар.
Трајановски посочи дека новиот автопат ќе биде без патарини и изрази очекување дека патувањето од Скопје до Охрид ќе трае помалку од час и половина. Во однос на експропријацијата, тој информираше дека од околу 1.000 катастарски парцели потребни за проектот, 97 проценти се веќе експроприрани.
Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, истакна дека Унијата ја поддржува изградбата на делницата со повеќе од 20 милиони евра грантовски средства. Тој нагласи дека инвестицијата е дел од пошироките напори за подобрување на регионалната поврзаност, економскиот развој и соработката.
Рокас потсети и на поддршката од Европската Унија за други инфраструктурни проекти во земјата, меѓу кои патниот правец Скопје – Блаце, делниците Куманово – Страцин, Страцин – Крива Паланка и Градско – Дреново, како и санацијата на автопатот Миладиновци – Хиподром – Петровец.
Шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Македонија, Фатих Туркменоглу, посочи дека Банката преку инфраструктурните проекти има цел да го поддржи економскиот развој и приватниот сектор. Тој информираше дека за проектот се обезбедени 110 милиони евра од Банката, дополнети со грантовска поддршка од Европската Унија и Инвестициската рамка за Западен Балкан.


































